„Влијанието на безбедносните предизвици на Европа и Западен Балкан“
Во МНР во Скопје се одржа конференција насловена „Влијанието на глобалните безбедносни предизвици на Европа и Западниот Балкан и начини за справување“, во организација на Секретаријатот за европски прашањаIvana Ramadanova
14 Октомври 2016•Ажурирај: 15 Октомври 2016
SkopjeСКОПЈЕ (АА) - Во Министерството за надворешни работи во Скопје денеска се одржа конференција насловена „Влијанието на глобалните безбедносни предизвици на Европа и Западниот Балкан и начини за справување“, во организација на Секретаријатот за европски прашања, јавува Anadolu Agency (AA).
На конференцијата се обрати ресорниот министер, Никола Поповски, кој изрази благодарност до Кралството Норвешка за поддршката на овој проект поврзан со тренинзите и учењето во врска со европските интеграции на Македонија, со цел да се зајакнат инстуционалните капацитети.
„Од тој аспект, тероризмот, хибридните закани и економската нестабилност имаат влијание врз секоја земја и сите граѓани, и во различни сегменти од нашето живеење. Најмногу ни е потребно да соработуваме со нашите соседи и партнери во рамките на Европската Унија за справување со сите овие закани“, рече Поповски.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој се обрати на конференцијата, изрази надеж дека темата на проектот финансиран од Кралството Норвешка ќе стане своевиден приоритет на европската политичка агенда.
„Кога лани ова време, низ балканската миграциска рута, во која Република Македонија беше еден од клучните транзитни правци, секојдневно минуваа десетици илјади несреќници од загрозените подрачја, секому овде на Балканот, но и во Европа, му стана јасно дека парцијално решение за таа криза е невозможно. Не поради тоа што, на пример, Македонија е мала држава со скромни капацитети, туку поради фактот што независно од големината и институционалната подготвеност на која и да е држава, таа сама нема никаква шанса против миграција со таков обем и специфики. Затоа беа преземени низа заеднички мерки, заеднички ангажмани чијшто краен исход беше солидарно дејствување, меѓусебна тесна соработка во заштита на безбедноста на граѓаните, не само во матичните држави, туку на сите граѓани на Европа“, истакна Спасовски.
Конференцијата „Влијанието на глобалните безбедносни предизвици на Европа и Западниот Балкан и начини за справување“, која се одржа во Скопје, е во рамките на проектот „Одржлив систем за ЕУ-обуки“, финансиран од Владата на Кралството Норвешка.