АНКАРА (АА) - Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, денес изјави дека терористичката група ПКК/ПЈД/ЈПГ треба да знае оти ќе биде закопана во сопствените ровови што ги копа во сирискиот регион Мунбич, јавува Anadolu Agency (AA).
„Терoристичката група ПКК/ПЈД/ЈПГ копа ровови во сириски Мунбич, и покрај ветувањата за нејзино повлекување од подрачјето“, изјави Акар пред пратениците на Комисијата за планирање и буџет.
„ЈПГ/ПКК треба да знае дека ќе биде закопана во рововите што ги копа“, изјави тој.
Тој додаде дека Турција сè уште се соочува со терористичка закана од подрачјето на Северен Ирак, бидејќи ирачките власти и Регионалната курдска управа не презеле ефективни чекори против ПКК.
„Во овој поглед, нашите операции ќе продолжат сè додека терористичката закана од ирачките територии не биде отстранета“, изјави Акар.
Договорот за Мунбич меѓу Турција и САД се фокусира на повлекување на терористите на ЈПГ/ПКК од градот, со цел стабилизирање на регионот во североисточниот дел од областа Алепо во северна Сирија.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на речиси 40.000 лица, меѓу кои има и жени и деца. ЈПГ е нејзин сириски огранок.
- Турција гарант за мир на островот Кипар
Акар изјави дека Турција никогаш нема да дозволи каков било чекор или донесување еднострана одлука во Кипар, во Егејското Море и во Источен Медитеран.
„Нашите соговорници треба да знаат дека кој било проект без Турција и Турската Република Северен Кипар во Егејското и Средоземното Море нема да бидат успешни“, изјави Акар.
Акар, исто така, ги повика актерите во источниот медитерански регион да ја запрат провокацијата која ќе го стави регионот во ризик.
На 18 октомври, турската морнарица ја сопре грчката фрегата која се обиде да се вмеша во истражувањата на турскиот брод „Барбарос Хајредин-паша“.
Инцидентот резултираше со итен одговор од турските власти, кои ја предупредија Грција да не презема никакви активности во Средоземното Море кои ќе предизвикаат тензии во регионот.
Турција е континуирано против активностите на администрацијата на кипарските Грци поради едностраните дупчења во источниот Медитеран, истакнувајќи дека кипарските Турци, исто така, имаат право на ресурсите во таа област.
Акар нагласи дека турските сили ќе продолжат да ги штитат правата на Турција и кипарските Турци во Егејското Море и Источен Медитеран.
„Турските вооружени сили ќе продолжат да бидат гарант за мирот и безбедноста на островот Кипар, во согласност со меѓународните договори за гаранција и сојузи“, додаде тој.
Кипар е поделен од 1974 година, кога кипарските Грци, кои извршија државен удар, започнаа бран на насилство против кипарските Турци, што предизвика реакција од Анкара, која оттогаш е гарант на мирот.
Во текот на изминатите години имаше наизменичен мировен процес, вклучувајќи ја последната иницијатива во Швајцарија под покровителство на земјите гаранти Турција, Грција и Велика Британија, која не успеа во 2017 година.
Турција поради неуспешните разговори ја обвини непопустливоста на кипарските Грци, исто така обвинувајќи ја Европската Унија за прифаќањето на Кипар како поделен остров во Унијата во 2004 година, откако гласачите на кипарските Грци го отфрлија мировниот договор.
Во врска со купувањето на воздушните одбранбени системи „С-400“, Акар изјави: „Ние стигнавме до одредена точка во процесот за набавување на системите „С-400“ од Руската Федерација, со цел да ги исполниме итните потреби на нашиот воздушен одбранбен систем што е можно поскоро“.
„Со овие системи што се очекува да бидат испорачани во 2019 година, нашата земја ќе добие значителна способност во воздушна одбрана“, додаде тој.
Акар, исто така, изјави дека Турција по неуспешниот обид за државен удар, суспендирала вкупно 15.153 припадници на Вооружените сили на Турција поради нивната поврзаност со терористичката група ФЕТО, од кои 323 се вратени по отпуштањето.
news_share_descriptionsubscription_contact
