Ivana Ramadanova
15 Август 2016•Ажурирано: 15 Август 2016
СКОПЈЕ (АА) - Црна Гора издвои 200 илјади евра помош за настраданите во невремето и поплавите што ја зафатија Република Македонија минатата сабота, јавува Anadolu Agency (AA).
Хуманитарната помош се состои од 100 илјади евра финансиска помош што е наменета за буџетската резерва на Македонија, додека другите 100 илјади евра се во хуманитарна помош, медицинска и интендантска опрема.
Помошта ја подготвија Војската на Црна Гора, Дирекцијата за вонредни ситуации при МВР и главниот град Подгорица, а на повик на премиерот Мило Ѓукановиќ се вклучија и повеќе приватни компании од Црна Гора.
Хуманитарната помош е натоварена на шест камиони, а се состои од 62,9 тони флаширана вода, 3000 конзерви со храна, 50 комплети храна за бебиња и пелени, 1000 литри средства за дезинфекција, 300 пакети детергенти, 100 пакети за хигиена, 20 шатори, 1000 вреќи за спиење, 2100 лопати, 5000 пешкири, 100 мантили за дожд, 2000 полициски ранци, 50 носилки за повредени лица, 100 пара гумени чизми и 400 ќебиња.