Ekipa
24 Септември 2018•Ажурирај: 25 Септември 2018
ЊУЈОРК (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, изјави дека Турција во борбата против терористите покажа дека е можно да се заштитат цивилите и населените места, јавува Anadolu Agency (AA).
„Додека водиме одлучна борба против тероризмот, покажавме дека е можно да се заштитат цивилите и населените места. Во голема мера ги намаливме миграциските текови од Сирија во Турција и Европската Унија (ЕУ)“, рече Чавушоглу во своето обраќање на панелот за мигрантите во Обединетите нации (ОН) во Њујорк, во пресрет на 73. седница на Генералното собрание на ОН.
Тој истакна дека Турција пружила значителна помош и поддршка за мигрантите и дека никогаш не ги оставила на цедило.
„Невините луѓе не ги оставивме на цедило, не ги препуштивме на свирепиот сириски режим ниту на терористите како ДЕАШ и ПКК“, рече турскиот министер.
Тој нагласи дека и другите треба да сторат многу повеќе со цел да пружат помош и поддршка на мигрантите од Сирија.
„За жал, тешкиот хуманитарен товар на сириската криза е препуштен на Турција. Некои не ги исполнија своите обврски“, рече Чавушоглу, потсетувајќи дека целиот свет беше сведок како во претходните години децата на мигрантите се дават во морето.
„Медитеранот стана гробница на очајни луѓе. Телата на децата кои се удавија се срам за целиот свет“, рече Чавушоглу.
Тој истакна дека на глобално ниво сé уште постои голем мигрантски бран, напоменувајќи дека ширум светот бројот на мигранти изнесува околу 260 милиони.
„Овие бројки константно растат поради гладта, граѓанските војни, тероризмот и политичката нестабилност. Поради оваа причина, ниту една земја не може да го игнорира овој проблем", рече Чавушоглу.
Тој нагласи дека државите не треба да имаат предрасуди против мигрантите и бегалците.
„Многу е опасно хуманитарните теми да станат политичко орудие и да се поттикнуваат предрасуди кон мигрантите“, рече Чавушоглу.
Потсети дека Турција ги отвори вратите за сите, без оглед на расата и религијата, додавајќи дека Турција, користејќи сопствени финансиски извори, потрошила 32 милијарди долари за мигрантите.
„Според Глобалниот извештај за хуманитарна помош, Турција во оваа област пружи најголема помош“, рече турскиот министер за надворешни работи.
Во Њујорк од 25 до 27 септември ќе се одржи 73. заседание на Генералното собрание на ОН.