АНТАЛИЈА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, околу активностите за прекин на огнот во Сирија и испораката на хуманитарна помош, истакна дека Русија го одржала зборот и додаде: „На ист начин и Турција го одржа зборот. Во овој период, особено околу стратешките прашања, Турција и Русија си веруваат меѓусебно. Турција и Русија сфатија дека можат да си веруваат меѓусебно”, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Чавушоглу, во градот Кемер, во областа Анталија, учествуваше на 3. состанок за советување на претставниците на локалната власт.
Министерот Чавушоглу потенцираше дека Турција не се плаши од никого ниту во земјата, ниту надвор од неа, дека ќе се бори со секого кој ќе се обиде да им го попречи патот.
„Силата првенствено ја земаме од Господ, па потоа од народот. Тоа е вашата сила, силата на селата, населбите, тоа е сила од 80 милиони луѓе. Ние знаеме што е целта на препреките кои се поставени пред нас. Како цел ја имаат стабилноста на Турција, и знаеме дека поради тоа тие се против претседателскиот систем во земјата”, рече Чавушоглу.
Министерот Чавушоглу, истакна дека борбата против ФЕТО, ПКК и ДЕАШ ќе продолжи до крај:
„Ќе продолжиме со нашата борба во рамките на нашите граници и надвор од нив. Некои велат 'Што бараат турски војници во Ал Баб?'. Зарем оттаму ДЕАШ не ги зема како цел нашите граѓани? Зарем не ги убива недолжните луѓе, цивилите во Газиантеп? Зарем не активираа бомба во срцето на Истанбул? Зарем мојата должност не е да ги пронајдам тие предавници каде и да се наоѓаат, и да им ја доделам заслужената казна? Со предавничката ПКК се бориме и во градовите. Тие не можат достоинствено да излезат наспроти нашите војници и полицајци. Ги гранатираме нивните позиции во планините и ги уништуваме нивните засолништа. Тие се предавници, и ФЕТО се предавници. Од зад грб го убија рускиот амбасадор Андреј Карлов. Однесување што му доликува на ФЕТО. Како што се бориме против ПКК од другата страна на границата, на ист начин е потребно да влеземе таму и да го уништиме ДЕАШ. Доколку ние нив не ги уништиме, тие ќе дојдат кај нас. За сочувување на единството и територијалниот интегритет на земјата, ќе продолжиме да се бориме против сите видови непријатели, за сочувување на оваа земја која во наследство ни ја оставија загинатите херои”.
- „Во земјата доведовме голем број предавници” -
Информирајќи дека продолжува борбата против ФЕТО во земјата и надвор од неа, министерот Чавушоглу изјави: „Доведовме голем број предавници од странство. Некои земји не молат 'не објавувајте'. Досега презедовме или затворивме над 80 установи. Во Гвинеја презедовме 5 училишта, две од нив се именувани според загинатиот херој Омер Халисдемир. Споменот на нашите херои ќе живее и во Гвинеја”, рече министерот Чавушоглу.
Министерот Чавушоглу посочи дека одговорноста на Турција не се однесува само на 781.000 квадратни километри територија и 80 милиони жители, туку таа одговорност се однесува и на правата на турскте државјани и нивните семејства што живат во странство, правото на најблиските, правата на сонародниците.
Во врска со 50.000 луѓе кои се заглавени во Алепо поради бомбардирањата, министерот Чавушоглу рече дека нема друга земја освен Турција која сочувствува со настаните во Алепо. Чавушоглу рече дека одговорност на Турција се и луѓето што останале заглавени во Алепо.
„Доколку останеме нечуствители кон луѓето кои се под блокада, опколени, бомбардирани, оставени да гладуваат, сурово убивани, тогаш ние треба да се засрамиме и од тоа што сме муслимани и од нашата човечност. Кога се бранеше Чанаккале, и кога се извикуваше 'Неможе да се помине Чанаккале', таму имаше 6.000 луѓе од Алепо. Затоа, доколку ние останеме бесчуствивелни кон луѓето од Алепо, историјата тоа нема да ни го прости”, рече министерот Чавушоглу.
Турскиот министер за надворешни работи говореше дека Турција се обидува да воспостави примирје на целата територија на Сирија, а не само за граѓаните на Алепо. За таа цел, претседателот Ердоган често остварува средби со претседастелот на Русија, Владимир Путин, претседателот на САД, Барак Обама, канцеларката на Германија, Ангела Меркел и со лидерите на голем број други земји. Тој рече дека за иста цел, доколу тоа е потребо, и тој самиот остварува средби со своите колеги. Министерот Чавушоглу истакна дека Турција сето тоа не го прави за да извлече за себе некоја корист, туку ги вложува своите напори во име на човештвото.
- „Русија го одржа својот збор” -
Министерот за надворешни работи на Турција Мевлут Чавушоглу, во врска со вложените напори за нормализирање на односите меѓу Турција и Русија рече дека ги отстрануваат препреките една по една:
„За да реализираме трговија, ние не направивме компромис на нашите принципи. Особено, не го продадовме човечкото, хуманото. Во врска со минатото, можеме да ја критикуваме Русија, како што тоа го правиме и со останатите земји. Наше право е да критикуваме, особено оние земји што му даваат поддршка на режимот, и земјите кои таму праќаат свои милиции. Но треба да се истакне дека во последно време Русија го одржа својот збор во активностите кои се водат за примирјето, за хуманитарната помош, за спасувањето на луѓето и работите кои отсега ќе се водат за примирје на целата територија на Сирија. Русија во потполност стоеше зад зборот што го даде. Дури ги предупредуваше оние што го прекршуваа договореното. На ист начин и Турција го одржа својот збор. Во овој период Русија и Турција имаат меѓусебна доверба, особено по овие стратегиски прашања. Турција и Русија сфатија дека можат да си веруваат меѓусебно. Во врска со тоа продолжуваат нашите средби. Секојдневно работиме на отстранување на пречките. Нашите желби се на еден пријателски начин, да се отстранат сите пречки кои постојат пред трговијата и луѓето”.
news_share_descriptionsubscription_contact
