Diyar Güldoğan
06 Ноември 2018•Ажурирај: 06 Ноември 2018
ТОКИО (АА) - Јапонскиот премиер Шинзо Абе денес изјави дека Токио сака да ги унапреди односите со Турција на секое поле, јавува Anadolu Agency (AA).
„Сакаме да ги унапредиме односите со Турција на секое поле и на секое ниво“, изјави Абе на состанокот со турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, во Токио.
Чавушоглу од своја страна изјави дека во текот на неговата тридневна официјална посета на Јапонија, имал многу продуктивен состанок со официјалните претставници за понатамошно унапредување на билатералните односи.
„Имавме состанок со јапонскиот премиер Шинзо Абе. Нашите билатерални односи со Јапонија, која ќе го преземе претседателствувањето со Г20 во 2019 година, продолжуваат непрекинато да се зајакнуваат на сите полиња“, напиша Чавушоглу на социјалната мрежа Твитер.
Пред неговиот состанок со јапонскиот премиер, Чавушоглу се состана со јапонскиот министер за економија, трговија и индустрија, Хирошиге Секо и дискутираше за економските односи меѓу двете земји.
„На нашиот состанок со јапонскиот министер за економија, трговија и индустрија, Хирошиге Секо, истакнавме дека Турција нуди можности за јапонските инвеститори да стигнат до пазарите во Европа, Блискиот Исток и Африка“, напиша Чавушоглу на Твитер.
Хирошиге изјави дека двете земји треба повеќе да ги развијат економските односи, со оглед на тоа што Турција е важна земја за Јапонија во регионот.
Претходно во текот на денот, Чавушоглу имаше состаноци и со јапонски политичари и бизнисмени.