БРАТИСЛАВА (АА) - Германската канцеларка Ангела Меркел во Братислава, каде што се одржува Самитот на ЕУ, изјави дека не треба да се очекува проблемите на Европа да се решат со еден самит, јавува Anadolu Agency (AA).
На Самитот, лидерите на 27 земји-членки на ЕУ ќе разговараат за иднината на Унијата по излезот на Велика Британија од ЕУ (Брегзит), мигрантската криза, сиуацијата во Украина, економијата и борбата против тероризмот.
Покрај лидерите на 27 земји членки, на Самитот присуствуваат и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер.
Самитот, на кој се преземени високи мерки за безбедност, е следен од страна на 1.300 репортери од 79 земји.
Велика Британија, која одлучи да ја напушти ЕУ, не беше повикана на Самитот. Покрај тоа, ова е првпат од 2010 година, Самитот на лидери на ЕУ да се одржува надвор од Брисел.
По доаѓањето на Самитот, Меркел изјави дека ќе се разговара за внатрешната и надворешната безбедност, борбата против тероризмот, соработката на полето на одбрана, економскиот раст, вработувањето и за развој на можности за младите.
Германската канцеларка додаде дека фокусот ќе биде решавање на мигрантската криза и заштита на надворешните граници на ЕУ. Меркел истакна дека има за цел да постигне договор за овие прашања и да направи конкретни чекори.
„Не треба да се очекува дека веднаш, со еден самит ќе ги решиме проблемите на Европа, во критичен период сме“, изјави Меркел, додавајќи дека работата на главните прашања на Самитот во Брисел ќе биде продолжена сѐ до Самитот на ЕУ во Рим, кој е предвидено да се организира за март 2017 година.
Меркел нагласи дека сакаат заедно да работат и да ги решат проблемите во Европа и изрази надеж дека Самитот во Словачка тоа ќе го покаже.
Премиерот на Словачка, Роберт Фицо се надева дека разговорите на Самитот ќе вродат со плод.
„Ќе имаме искрена дискусија. Сакаме да покажеме дека сме обединети. Ни треба продолжение на единството“, изјави Фицо.
Премиерот на Грција, Алексис Ципрас, изјави дека на Европа ѝ треба нова визија.
„ЕУ треба по хуманитарен пат да ја реши мигрантската криза“, смета Ципрас.
Кристијан Керн, премиерот на Австрија, изјави дека ќе се разговара за безбедноста, мигрантската криза и за заштитата на надворешните граници на ЕУ. Керн додаде дека земјите на ЕУ треба да ѝ помогнат на Бугарија во борбата против миграциите по нелегален пат.
Керн зборуваше и за преговорите меѓу ЕУ и Турција.
„Турција досега ги исполни своите обврски. Претпоставувам дека и понатаму ќе биде така, но нема гаранција за тоа. ЕУ со сигурност не треба да биде фатена неподготвена“, изјави тој.
Претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, на прес-конференцијата изјави дека ЕУ ќе биде силна унија сѐ додека членките го сакаат тоа. Шулц смета дека проблемите не можат да бидат решени со критикување и додаде дека на бегалците им е потребна помош.
Шулц на прашањето за одржување на референдум за квотниот систем, кој го планира Унгарија, изјави дека мигрантската криза не може да се реши со референдум
„Мигрантите доаѓаа, ние мораме да го решиме тој проблем. Сметам дека референдумот не би можел да ги реши проблемите“, истакна тој.
По завршувањето на Самитот, заедничката прес-конференција ќе ја одржи претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и премиерот на Словачка, Роберт Фицо.
news_share_descriptionsubscription_contact


