Elvir Hocic
06 Август 2017•Ажурирај: 07 Август 2017
ТОКИО (АА) - Во Јапонија денес се одбележува 72. годишнина од атомскиот напад na Хирошима, а со едноминутно молчење милиони луѓе во таа земја им одадоа почит на настраданите, јавува Anadolu Agency (AA).
На централната комеморација во Меморијалниот парк Хирошима присуствуваше премиерот на Јапонија, Шинзо Абе, десетици преживеани и илјадници граѓани.
Овогодишното одбележување на годишнината од нападот во Хирошима се одржува откако 122 членки на ОН го усвоија првиот договор за сеопфатна забрана на нуклеарно оружје.
И генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, испрати порака по повод одбележувањето на годишнината од нуклеарниот напад на Хирошима.
„Овој договор е резултат на глобалната кампања насочена кон неприфатливоста на користење на нуклеарно оружје, без оглед на околностите”, порача Гутереш и додаде дека сонот за свет без нуклеарки и понатаму е далеку.
Американскиот бомбардер B-29 на денешен ден во 1945 година ја фрли нуклеарката „Little Boy“ на Хирошима, која во потполност е запалена од топлотниот бран кој достигнал температура и до 4.000 степени Целзиусови. Од последиците од бомбардирањето загинаа вкупно 140.000 лица.
Три дена подоцна, втората бомба „Fat Man“ е фрлена во Нагасаки. Јапонија потоа прогласи капитулација и тоа беше почеток на крајот на Втората светска војна.