Kubilay Çelik
16 Мај 2017•Ажурирај: 17 Мај 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот премиер, Бинали Јилдирим, денес во Анкара порача дека Германија доколку сака подобри односи со Турција, треба да се сврти кон Република Турција, а не кон сепаратистите и припадниците на терористичката организација ФЕТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Јилдирим денес говореше на редовниот состанок на парламентарната група на Партијата на правдата и развојот (АК Parti) во Анкара, и притоа се осврна на неодамнешната одлука на Германија во врска со обезбедувањето азил на лица, меѓу кои и воени лица поврзани со минатогодишниот обид за државен удар во Турција.
„Тоа што Германија минатата недела го одобри барањето за азил на лица или воен персонал, поврзани со обидот за државен удар на 15 јули, е чекор кој ќе придонесе за нарушување на нашите односи“, истакна Јилдирим и додаде:
„Време е Германија да донесе одлука. Ако сака подобри односи со Турција и ако сака да ги зајакне историските пријателски врски со Турција, тогаш нејзината насока треба да биде кон Република Турција, а не кон сепаратистите и припадниците на ФЕТО“.
Да потсетиме дека по донесувањето на одлуката, Министерството за надворешни работи на Турција ја повика Германија да ја преиспита одлуката за прифаќање на барањата за азил на поранешни турски воени лица кои се поврзани со терористичката организација ФЕТО.