Mümin Altaş
01 Декември 2016•Ажурирај: 01 Декември 2016
АНКАРА (АА) - Премиерот на Република Турција, Бинали Јилдирим, денес во Анкара изјави дека верува оти Европа сѐ уште има лидери кои имаат визија за нивната иднина, и дека Европската Унија (ЕУ) мора колку што е можно побрзо да се спаси од збунетоста во која се наоѓа, јавува Anadolu Agency (AA).
Јилдирим се обрати на состанокот што во Анкара го организираше Асоцијацијата на турските индустријалци и претприемачи, а во таа пригода зборуваше и за актуелните случувања.
Турскиот премиер се осврна и на пожарот во ученичкиот дом во Адана од пред два дена, во кој настрадаа 11 ученици и едукатори, и на семејствата на загинатите им упати порака на сочуство.
„Овој случај и случаите слични на него ќе бидат расветлени, а одговорните ќе бидат најстрого казнети. Истрагата во врска со пожарот започна, а денес во Парламентот ќе има говори и за формирање на истражувачка комисија којашто ќе има задача да разгледа одредени мерки за институциите од овој тип“, порача Јилдирим.
Тој се осврна и на активностите на терористичката организација ФЕТО по неуспешниот обид за државен удар во оваа земја, и изјави дека сите пари што ФЕТО ги зел од народот, сега ги дава на агенциите за лобирање.
„Целта е да се покаже дека турската економија е лоша, дека се кршат човековите права и не се применува демократијата. Продолжуваат да прават секакви злобни чекори што ќе им дојдат на ум. Откако не успеаја да ги остварат своите цели на 15 јули, мислат дека можат да си поигруваат со турската економија. Но, никогаш нема да успеат“, изјави Јилдирим.
- ЕУ мора колку што е можно побрзо да се спаси од збунетоста
Во врска со нацрт-одлуката што ја усвои Европскиот парламент за прекин на преговорите со Турција за членство во Европската Унија, Јилдирим потсети дека се работи за необврзувачка одлука, без правен ефект.
„Ниe и претходо порачавме дека за нас таа одлука не значи ништо. И понатаму веруваме дека во Европа се наоѓаат лидери кои имаат визија за нејзината иднина. Сметаме дека ЕУ мора колку што е можно побрзо да се спаси од збунетоста во која се наоѓа. Тоа го порачуваме како пријатели“, истакна Јилдирим.
- Нема засекогаш да ја штитиме Европа
Тој исто така нагласи дека Турција претставува најголема гаранција наспроти заканата кон Европа.
„Доколку Турција во последните пет или шест години не се спротивставеше на негативните појави во регионот и тие негативности да се рефлектираа на Европа, таа би била во лоша состојба. Но, и нашето трпение има граница. Не постои правило дека засекогаш ќе ја штитиме Европа“, порача турскиот премиер Бинали Јилдирим.