Mümin Altaş
26 Декември 2016•Ажурирај: 27 Декември 2016
КАСТАМОНУ (АА) - „За време на владеењето на АК Партијата се случија три обиди за удар. На пучистите на 15 јули им зададовте удар. Овој тунел ќе го носи споменот на загинатите херои на 15 јули“, порача турскиот премиер, Бинали Јилдирим на отворањето на мегапроектот, тунелот „Илгаз 15 јули“, јавува Anadolu Agency (AA).
На церемонијата на отворањето на тунелот, преку видеолинк се обрати и претседателот на земјата, Реџеп Таип Ердоган.
Премиерот Јилдирим потсети дека камен-темелникот бил поставен на 9 ноември 2012 година.
Според неговите зборови, овој тунел не е важен само за жителите на Чанкири и Кастамону, кои се поврзуваат преку овој тунел, туку и за цела Турција.
Јилдирим нагласи дека се среќни затоа што 139-годишниот сон станал реалност, и додаде дека ќе продолжи реализирањето на проектот.
Тој потсети дека минатата недела бил отворен тунелот Евроазија во Истанбул, кој под Босфорот ги спојува европската и азиската страна на градот.
Јилдирим истакна дека оттогаш значително бил олеснет сообраќајот на мостовите на Истанбул и дека жителите на тој град имаат можност за удобно патување под морето.
Зборувајќи на денешното отворање на мегапроектот, тунелот „Илгаз 15 јули“, Јилдирим истакна дека тунелот ќе ги зголеми чекорите во секторот за транспорт, економија и развој на Кастамону и Чанкири.
Јилдирим исто така се осврна на инвестициите во патишта и тунели во време на владеењето на Партијата за правда и развој (АК Партија).
„Го завршивме тунелот на планината Болу. Но, уште поинтересно е тоа што напредувавме од Турција која градеше 50 километри тунел за 80 години, до Турција која 346 километри од тунелот ги изгради за 14 години. Само оваа година направивме речиси илјада километри пат, а го завршивме и тунелот од 82 километри“, изјави Јилдирим.
Со овој проект, патувањето помеѓу Чанкири и Кастамону ќе трае помалку од еден час.
„Планинскиот пат од 17 километри, за кој беа потребни 40 минути, ќе се поминува за пет минути. Тунелските цевки со должина од 11 километри просторно и временски ќе ја скратат делницата Кастамону-Чанкири“, истакна Јилдирим, кој додаде дека овој проект на економијата на земјата ќе ѝ донесе 40 милиони лири (околу 11 милиони евра).
Освен тоа, Јилдирим порача дека ниту една сила со тероризам не може да го фрли турскиот народ на колена.
„Додека тие настојуваат да рушат, ние ќе продолжиме да градиме и да поправаме. Нема да ја заборавиме болката што ни е нанесена, нема да дозволиме да биде заборавена. Со поука од она што го преживеавме, одлучно ќе го продолжиме нашиот пат“, изјави Јилдирим.