Meltem Öztürk
09 Август 2016•Ажурирај: 09 Август 2016
АНКАРА (АА) - Турскиот премиер, Бинали Јилдирим, изјави дека лидерот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен сигурно ќе одговара за обид за државен удар во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Јилдирим, денес, на редовниот состанок на пратениците на Партијата за правда и развој (АК Партија) во турскиот Парламент, ги коментираше последните случувања во земјата и историскиот митинг на демократијата и загинатите херои, кој се одржа во Истанбул, во неделата, на 7 август.
Тој рече дека 7 август е историски ден, една нова ера, една пресвртница, и додаде дека на митингот во Истанбул, но и во другите делови на Турција, сите биле обединети. Тој изјави дека на митингот во Истанбул бил присутен духот на Чанаккале, духот на слободата.
„Таму беше и Абдулхамит Хан, таму беа Мустафа Кемал, Мехмет Акиф Ерсој, таму беше Назим Хикмет. Таму беше народот, таму беше лидерот на народот. Сите бевме таму, ЏХП, МХП, претседателите на овие партии, како и членовите”, рече Јилдирим.
Тој нагласи дека лидерот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен, сигурно ќе одговара за обидот за државен удар во Турција.
„Лидерот на терористите ќе дојде во Турција и ќе одговара за сè. Оној што го наредил бомбардирањето на Турција, бомбардирањето на Парламентот, турското оружје го сврте против турскиот народ, сигурно ќе ја добие заслужената казна. Ќе бараме одговорност за крвта на загинатите и повредените. Тој е џепчија во име на верата, бесрамен лажго и убиец со крвави раце, сигурно ќе одговара”, рече Јилдирим.
На крајот тој порача дека ниту една предавничка мрежа ниту терористичка организација нема да го наруши единството и заедништвото на Турција.
„Ниту една предавничка мрежа, ниту една терористичка организација нема да го наруши нашето единство и заедништво. На безвредните, кои би ја продале својата душа за еден долар, нема да им ја дадеме душата на Турција. Езаните (повик за молитва) и салаватите (благословение) кои беа учени таа мрачна ноќ ги обединија нашите души и ние секогаш ќе останеме единствени и во заедништво", порача премиерот на Турција и претседател на Партијата АК, Бинали Јилдирим.