СКОПЈЕ (AA) - Законот за употреба на јазиците и натаму продолжува да биде актуелна тема во Македонија, но не е познато кога и на кој начин ќе биде објавен во Службен весник за да продолжи да се спроведува од институциите на земјата.
Со овој закон, се предвидува во сите органи на државната власт на Македонија, покрај македонскиот јазик и неговото писмо, службен јазик да биде и јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните на Р. Македонија и неговото писмо, што во овој случај е албанскиот.
Законот во мај беше прегласaн во Парламентот, откако претходно не беше потпишан од страна на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој продолжува и по прегласувањето да го отфрла неговото потпишување врз основа на тоа дека е неуставен.
Говорејќи за Законот за употреба на јазиците, претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, во разговор за Anadolu Agency (АА) рече дека системот на една парламентарна демократија, исто така, обезбедува алтернативни можности за излез од ова блокирање на Законот.
Како што вели Џафери, Уставот на земјата ја предвидува можноста, шефот на државата за посебни закони кои се гласаат во Парламентот да има право на вето за суспензија за одредени прашања, но, според него, тоа не значи дека претседателот има право на апсолутно вето. Тој потсети дека Уставот појаснува дека на прегласување, по враќање на Законот од страна на шефот на државата, тој е должен да го потпише Законот за кој станува збор.
Претседателот на државата и претседателот на Собранието се две лица кои го декретираат прогласувањето на законите, но, според Џафери, Парламентот има законодавна власт и во согласност со уставната логика и парламентарната демократија, вели тој, волјата на Собранието не може да е во спротивност со која било друга институција, без оглед на можните компетенции што ги има во овој поглед.
Тој нагласува дека Законот може да се упати и до Службен весник, дури и без потпишување на шефот на државата, во овој случај, без потпишување на претседателот Иванов.
„Поради самиот факт што шефот на државата има само надлежност за вето на суспензија за одредено време, значи дека шефот на државата и неговите одлуки не можат да влијаат на работата на Собранието како институција. Во овој поглед, мислам дека излезот е Законот без потпис на шефот на државата да се упати до Службен весник, а тој да го стави Законот во сила, и потоа да може да се стават во функција и другите уставни институции кои имаат надлежности, наспроти дилемите што ги има шефот на државата“, рече Џафери за АА.
- „Взаемните посети меѓу Македонија и Турција придонесуваат за зачувување и зајакнување на билатералната соработка” -
Џафери во следните три дена, почнувајќи од утре до петок, ќе биде во официјална посета на Турција, за првпат по преземањето на функцијата претседател на Собранието на Република Македонија, каде што ќе се сретне со лидерите на турските државни институции. Џафери вели дека фокусот на состаноците во Турција ќе биде ставен на размената на мислењата за развивање и проширување на соработката меѓу двете земји и релевантните институции.
„Не само на мојата посета, мислам дека билатералните институционални посети меѓу Македонија и Турција се во континуитет без прекин, и дека тоа е продолжување на соработката меѓу двете пријателски земји. Сметам дека придонесот е во однос на тоа да се зачувува и зајакнува билатералната соработка меѓу двете земји”, вели Џафери.
- „Македонската страна има поддршка од Парламентот за крунисување на преговорите со Грција со можен договор“ -
Во врска со спорот за името меѓу Македонија и Грција, Џафери вели дека од аспект на временскиот интервал за постигнување можно решение не може да оцени кој вид решение е посоодветно, да се ратификува Договорот во Парламентот или да се оди на популарниот Референдум.
„Тоа е прашање што ќе треба да се очекува во каква форма ќе се реши, дали ќе биде во форма на меѓународен договор или ќе биде политичка одлука”, рече Џафери, кој интензивираните преговори меѓу двете земји ги оцени како многу позитивни.
Тој нагласува дека разговорите се движат на вистинскиот пат кон наоѓање можно билатерално решение и оцени дека честите разговори даваат можност за надминување на одредени прашања.
„Поради оваа причина, мислам дека барем нашата владина страна има поддршка од Парламентот за да можат овие преговори да се интензивираат и да се крунисаат со можен и прифатлив договор за сите”, додаде Џафери.
Спикерот на Собранието, исто така, говореше за иницијативата за трилатерален состанок помеѓу македонскиот, грчкиот и албанскиот Парламент, за кој рече дека била известена грчката страна и на кој ќе се разговара за теми кои не се политички оптоварени. Според Џафери, овој состанок би придонел за целиот политички и извршен спектар, кој се однесува на интензивираната иницијатива и на намерите за изнаоѓање можно решение за спорот со името.
„Поради заедничките теми, особено околу заштитата на животната средина и прекуграничниот развој на трите земји, мислев дека е соодветна идејата, за да биде средбата поолеснителна, трилатерална, Македонија, Грција и Албанија, да се одржи некаде во прекуграничната област или во земјата која ќе биде назначена од страна на шефот на грчкиот Парламент, во подрачјето на Преспа, каде што би можеле да ги отвориме темите кои не се политички оптоварени”, објаснува Џафери, посочувајќи дека речиси три децении од независноста на Македонија, меѓупарламентарната комуникација меѓу двете соседни земји недостасувала на секое ниво.