Safvan Allahverdi
25 Октомври 2018•Ажурирај: 26 Октомври 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Џефри Гордон, кој за време на предизборната претседателска кампања му беше советник за национална безбедност на претседателскиот кандидат Доналд Трамп, на прашањето поврзано со водачот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен, истакна дека Ѓулен претставува закана за националната безбедност и на Соединетите Американски Држави (САД), јавува Anadolu Agency (AA).
„Фетула Ѓулен претставува закана за националната безбедност и на Турција, и на САД, и затоа е потребно веднаш да ѝ биде испорачан на Турција“, истакна Гордон на панел дискусијата на тема „Безбедносното партнерство САД - Турција и постоечки предизвици“, организирана од Фондацијата за турско наследство (THO), со седиште во Вашингтон.
На панелот освен поранешниот советник на Трамп, учествуваа и Џина Аберкромби-Винстенли, советничка за надворешна политика при Киберкомандата на САД; Илан Бермен, потпретседател на Советот за надворешна политика на САД и Исмаил Хаки Пекин, пензиониран генерал.
- „Потребно е Ѓулен веднаш да ѝ биде испорачан на Турција“ -
Зборувајќи за водачот на ФЕТО, Ѓулен, и за структурата на организацијата, Гордон истакна: „Фетула Ѓулен претставува закана за националната безбедност и на Турција, и на САД, и затоа е потребно веднаш да ѝ се испорача на Турција. Не треба да ја поддржуваме структурата која му се заканува на нашиот сојузник во НАТО.“
Гордон информираше дека во исто време, терористичката организација ФЕТО врши поголем број прекршоци во САД, како што е злоупотребата на визниот систем преку своите училишта под договор и неплаќањето данок. Гордон рече дека сето тоа е дел од истрагата на ФБИ.
Поранешниот советник на Трамп се осврна и кон гледиштето на Пентагон за актуелните предизвици во Сирија, кое во последно време се разидува од ставовите на турската Влада. Тој смета дека и покрај постоењето одредени безбедносни проблеми по прашањето за Сирија, постои надеж, и истакна дека двете земји се дојдени до точка во која добро се разбираат за решавање на проблемите.
Гордон наведе дека и покрај тоа што Вашингтон и Анкара доживуваат политички недоразбирања, од воен аспект двете земји имаат цврста врска. „И затоа, во време кога базата „Инџирлик“ е една од најважните воени бази за САД во борбата против ДЕАШ, многу се комични мислењата дека Турција не треба да биде дел од НАТО“, оцени Гордон.
- „Притисоците ќе го поттикнат Трамп на дејство“ -
На темата за убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги, Гордон рече: „Случајот „Кашоги“ е политизиран од страна на американските медиуми и притисокот што доаѓа од медиумите, ќе го поттикнат Трамп на дејство.“
Освен тоа, Гордон рече дека по убиството на Кашоги, Трамп е принуден да заземе цврст став по тоа прашање, истакнувајќи дека во исто време САД се принудени да обезбедат баланс во билатералните односи со двата најмоќни сојузници во регионот, Саудиска Арабија и Турција.
- „САД треба да ја разберат Турција по прашањето за ЈПГ/ПКК“ -
Советничката за надворешна политика, Џина Аберкромби-Винстенли, на панелот истакна: „САД треба да ја разберат загриженоста на Турција по прашањето за (терористичката организација) ЈПГ/ПКК, и да формираат моќна комуникација меѓу двете земји.“
Аберкромби-Винстенли посочи дека заедничките патролни активности на подрачјето на Мунбич, ќе одиграат значајна улога во обезбедувањето комуникација меѓу двете земји.
- Позитивни односи -
Потпретседателот на Советот за надворешна политика на Соединетите Американски Држави (САД), Илан Бермен, рече дека САД не покажале толкав интерес за Сирија, како што тоа го сторила Турција, и додаде дека за поефикасна работа на двете земји, потребно е Вашингтон да следи една поефикасна политика.
Берман истакна дека особено по ослободувањето на свештеникот Ендрју Брансон, за првпат по подолго време односите меѓу двете земји напредуваат во позитивна насока, и додаде дека воведувањето санкции од страна на Трамп кон Иран, повторно би можело да ги влоши турско-американските односи.