Andrew John Roesgen
14 Септември 2021•Ажурирај: 14 Септември 2021
ЧИКАГО (АА) - Илон Маск ќе биде следниот милијардер кој ќе лансира ракета со цивили во вселената, закажано за оваа недела, но со одредени разлики од неговите претходници Ричард Бренсон и Џеф Безос, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Спејс екс“ соопшти за 24-часовно одложување на лансирањето од првичните планови, што ќе треба да се изведе од Кејп Канаверал, Флорида, не порано од 20:02 часот во среда источночасовно подрачје (EDT) (2 часот наутро средно време по Гринич на 16 септември).
За разлика од кратките „излети“ во вселената на Бренсон и Безос со нивните екипажи составени од цивили изминатото лето, самиот Маск нема да биде во капсулата „Кру драгон“, која ќе биде лансирана во вселената со ракетата „Фалкон 9“.
Четворицата астронаути цивили ќе поминат три дена во вселената пред да се спуштат назад во Атлантскиот Океан. При лансирањата на Бренсон и Безос, двајцата реализираа кратки патувања во вселената пред да слетаат назад на тлото.
Четворицата цивили во мисијата на „Спејс екс“, наречена „Инспирација 4“ се милијардерот Џаред Ајсакмен, кој е основач и извршен директор на „Шифт фор пејментс“, исто така и успешен пилот на авиони. Ајсакмен платил непозната сума пари за патувањето.
Дел од мисијата е и Хејли Арцено, која преживеа рак на коските, а подоцна станала дел од Детската истражувачка болница „Свети Јуда“ за пациенти со рак, за што е посветена оваа мисија во вселената.
Исто така, во капсулата ќе бидат и Крис Семброски, ветеран на Воздухопловните сили и инженер по аеровселена, и Сиан Проктор, едукаторка на колеџ во сојузната американска држава Аризона. Таа го доби своето место во капсулата победувајќи на претприемачкиот натпревар организиран од Ајсакмен. Таткото на Проктор работел за НАСА за време на мисиите на Аполо во 1960-тите и 70-тите години.
Сите четворица имаат почесни титули за мисијата како што се „главен медицински офицер“ и „специјалист за мисијата“, иако титулите се само церемонијални.
Четворицата се обучуваат за патувањето откако беа назначени дека ќе бидат дел од летот во месец март.
Мисијата има уште една значајна разлика од летовите на Бренсон и Безос. „Кру драгон“ на „Спејс екс“ ќе патува многу подлабоко во вселената, надвор од орбитата на Меѓународната вселенска станица.
Претходно годинава, Маск се потсмеваше на неможноста на вселенското летало на Безос, „Блу Ориџин“, да навлезе подлабоко во вселената, бидејќи Безос извесно време го предизвикува „Спејс екс“ во освојувањето на владиниот договор за патувања во вселената.