Emel Öz Gözellik
09 Јуни 2016•Ажурирај: 10 Јуни 2016
САРАЕВО (АА) - Меѓународниот тим на астрономи направи снимки како огромната црна дупка ги „голта” облаците на гас во центарот на Млечниот пат, јавува Anadolu Agency (AA).
Снимката е направена на Европската јужна обсерваторија (ESO) со помош на ултра силниот телескоп ALMA, најголемиот телескоп на светот кој се наоѓа во Чиле.
Астрономите го набљудувале молекуларниот гас кој се наоѓа во околината на црната дупка кога неочекувано забележале дека таа дупка во центарот на галаксијата „голта” големи облаци на гас кои од Земјата се оддалечени околу милијарда светлосни години.
Облаците кон црната дупка се движеле со неверојатна брзина од околу 1,3 милиони километри на час, а потоа исчезнале во неа.
Од Обсерваториумот е соопштено дека тоа е прва снимка на спектакуларниот момент во вселената кога црната дупка ги „голта” облаците. Претходно се направени снимки како црната дупка „голта” ѕвезди и помали астероиди.
„Возбудени сме, бидејќи снимивме доказ како гигантска црна дупка ги вшмукува облаците. Тоа ќе ни помогне во истражувањето за самото создавање и активностите на црната дупка”, изјави астрономот Тимоти Давис, професор од Универзитетот Кардиф.
Во срцето на сите галаксии во Универзумот, вклучувајќи го и Млечниот пат, се наоѓаат огромни црни дупки, тешки неколку милијарди соларни маси кои ги вшмукуваат небесните тела кои ќе им се најдат во просторот на дејствување на гравитационите сили.