Andrew John Roesgen
11 Ноември 2021•Ажурирај: 11 Ноември 2021
ЧИКАГО (АА) - Група од тројца Американци и еден Германец синоќа полета од Вселенскиот центар „Кенеди“ на НАСА во Флорида во најновата мисија во вселената на приватната компанија на милијардерот Илон Маск, јавува Агенција Анадолија (АА).
Од контролната кула на мисијата се славеше додека на небото над Флорида се гледаше портокалова огнена топка.
Лансирањето ја означи петтата вселенска мисија со екипаж на компанијата на Маск, „СпејсИкс“, во последните 18 месеци и третата мисија сработена специјално за НАСА, поради што мисијата е наречена „Кру-3“.
„Ви посакувам успех и уживајте во патувањето“, им посака НАСА на членовите на групата додека чекаа за нивното полетување во внатрешноста на капсулата.
„Ние сме почестени што го реализираме ова патување“, беше одговорот од капсулата.
Капуслата, дел од флотата капсули „Драгон Кру“ на „СпејсИкс“, наречена е и „Издржливост“. Кога ќе пристигне на Меѓународната вселенска станица (ИСС) вечерва, групата ќе ја започне својата шестмесечна мисија на вселенската станица.
Тимот ќе спроведе бројни експерименти додека се наоѓа на ИСС, помеѓу нив е и еден уникатен од страна на германскиот астронаут Матијас Мауер. Тој ќе прави вежби како што се тренинг за сила и трчање додека го носи специјализираното одело кое применува електрични импулси на неговите мускули. Целта е да им се помогне на астронаутите да ја надминат мускулната атрофија и оштетувањето на коските кое се случува во вселената.
Синоќешното лансирање се случи два дена откако друга мултинационална група од четворица астронаути кои се наоѓаа на „СпејсИкс Кру 2“ слетаа на крајбрежјето на Флорида во понеделникот. Таа група првично требаше да го поздрави дојдовниот „Кру-3“ на Меѓународната вселенска станица, но лансирањето на „Кру-3“ неколкупати беше одложувано поради лошите временски услови од неговиот првичен датум на полетување на 31 октомври.
Мисијата продолжува да го зајакнува новото јавно-приватно партнерство помеѓу НАСА и „СпејсИкс“, уште од кога НАСА започна да истражува за партнерства со комерцијални компании, пред 10 години. Кога НАСА започна да инвестира во развојот на вселенското летало на „СпејсИкс“, тоа ѝ даде на НАСА алтернатива за заштеда на трошоците при испраќањето астронаути во вселената, користејќи ги вселенските програми на другите нации.
Тоа беше уште едно големо постигнување за Маск во вселенската трка. НАСА врачи договор од околу 3 милијарди на „СпејсИкс“ за развој на систем за слетување на Месечината, а претходно овој месец, федералниот судија ја одби тужбата од страна на милијардерот Џеф Безос, кој сакаше НАСА да го прифати неговиот план за слетување на Месечината. И Безос и милијардерот Ричард Брансон се обидуваат да ги прошират вселенските програми на своите приватни компании.