Ömer Tuğrul Çam
01 Февруари 2022•Ажурирај: 02 Февруари 2022
БРИСЕЛ (АА) - Истражувачите во Белгија развија систем за вештачка интелигенција што го предвидува ризикот од срцев удар благодарение на скенирањето на мрежницата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во студијата на група истражувачи од Универзитетот во Левен е утврдено дека капиларите во мрежницата на окото се засегнати и кај кардиоваскуларните заболувања, а ефектите од кардиоваскуларните заболувања пак, може да се предвидат до одреден степен со скенирање на мрежницата.
Според соопштението од Универзитетот, системот за вештачка интелигенција може да предвиди дали пациентите се изложени на ризик од срцев удар во следната година.
Најавено е дека системот работи со околу 70-80 проценти точност.
Исто така констатирано е дека превентивното лекување може да започне порано благодарение на системот, кој може да биде дополнителен дијагностички механизам при кардиоваскуларните прегледи на пациентите.
Професорот Алекс Франги, кој го предводеше тимот што го спроведе истражувањето, истакна дека кардиоваскуларните болести се една од болестите што предизвикуваат прераната смрт во светот.
„Скенирањето на мрежницата е релативно евтино и е техника која рутински се користи во многу очни клиники. Скенирањето може да се користи и за следење на раните знаци на срцеви заболувања“, рече Франги.
Во развојот на системот анализирани се скенирање на мрежницата и срцето на 5.000 луѓе. Податоците користени во студијата се обезбедени од „Биобанк“, биомедицинската база на податоци на Велика Британија.