Ahmad Adil
23 Август 2023•Ажурирај: 24 Август 2023
АНКАРА (АА) - Третата индиска мисија за истражување на Месечината вечерва ќе направи обид за слетување на Месечината вечерва, имајќи за цел да стане првата држава чија мисија ќе слета на јужниот лунарен пол, пренесува Анадолу.
Индија минатиот месец успешно ја лансира својата мисија за истражување на Месечината „Чандрајаан-3“, со цел да спушти ровер на Месечината.
Индиската организација за вселенско истражување соопшти дека системите се подложени на редовни проверки.
„Непреченото пловење продолжува“, се вели во соопштението на организацијата објавено на платформата X, порано позната како Твитер.
Вселенската агенција соопшти дека лендерот од „Чандрајаан-3“ е подготвен да слета во 18:04 часот по локално време денес.
Агенцијата објави и слики од далечната страна на Месечината снимени со камера за откривање и избегнување опасност при слетување, која помага во лоцирање на безбедно подрачје за слетување за време на спуштањето.
Додека во Индија расте возбудата поради долгоочекуваниот обид за слетување, во земјата се одржуваат специјални молитви за успех на мисијата.
Обидот на Индија за слетување доаѓа неколку дена по неуспехот на „Луна-25“, првата руска мисија на Месечината по 47 години, кога вселенското летало, што се очекуваше да слета во понеделникот, излезе од контрола и се урна на Месечината.
Индиските власти рекоа дека ако слетувањето на „Чандрајаан-3“ се покаже успешно, неговиот ровер со шест тркала се очекува да работи 14 дена на Месечината. Наведени три главни цели: да се постигне безбедно и меко слетување на површината на Месечината, да се распореди роверот на Месечината и да се спроведат научни експерименти на самото место.