СКОПЈЕ (АА) - ЕДИТА ЗЕЌИРОВИЌ -
Дали 3Д-технологијата ја има моќта да го промени светот? Нејзината посебност се должи на способноста да ја реализира секоја замисла до најситниот детаљ, просторот за манипулација со бои, текстури и големина со што на човекот му овозможува влез во визуелниот свет, каде тој самиот создава.
Во 2016 година, вратите на 3Д-светот во Северна Македонија ги отвора тогаш 21-годишниот Стефан Митров, кој одлучува своето знаење да го сподели со останатите, па така ја создава М3ДС, Академијата за визуелни уметности, чија цел, покрај едуцирање на младите за 3Д, е и изработка на видеоигри и филмови.

Митров (27) е човек чие име во 2019 година се најде на „Тајмс Сквер“ во Њујорк помеѓу 100-те најдобри артисти во 3Д-категоријата во светот, а во разговор со Агенција Анадолија (АА) раскажува за Академијата што нуди обуки во 3Д-областа, 3Д-печатењето и креирањето видеоигри и филмови.
- Што е 3Д?
Митров раскажува дека започнувајќи од 1970-те години со „Стар Ворс“, серијата на научнофантастични филмови, визуелните ефекти стануваат популарни, а 3Д-технологијата сè поупотребувана.
„Се прави манипулација на обична 2Д-слика. Што значи снимана слика се става врз друга слика. Како што се унапредувала технологијата ние можевме веќе компјутерски да ги додаваме тие објекти што порано ги лепевме и сега моментално ги изработуваме во 3Д-софтвер“, објаснува Митов.

Митров раскажува за процесот на 3Д, како чекор по чекор се склопува производот и обидот реализацијата да биде пореалистична до замислата.
„Студентот секогаш започнува со моделирање, тоа е формирање на моделите како би изгледале, отпосле се работи како би изгледала бојата на карактерот, технички се изработуваат текстурите и се цртаат рачно, се поставуваат коските каде што ќе се движат карактерите. Потоа се анимира карактерот и тоа е една од најтешките задачи во оваа индустрија“, објаснува Митров.
- Како се создава видеоигра?
Академијата што ја создава Стефан за брзо време започнува да бележи успех, интересот за 3Д-светот започнува да расте и голем број млади себеси се пронаоѓаат токму во него. Еден од нив е 20-годишниот Симон Зафировски, кој ја завршил Академијата, па продолжил да работи како еден од инструкторите и раскажува како се креира една видеоигра.
„Откако знаеме како ќе личи целиот карактер, тогаш преминува во процес на спремање на играта, односно треба да се доведе карактерот во живот, треба да му се стават коски за да може тој да мрда во играта“, раскажа Симон.
Откако ќе се заврши тој процес, карактерот се префрла во играта, во претходно подготвена сцена.

„Комплетно одвоено од карактерот се работи и сцената, таму се посветува внимание на детали, но многу е побитно да се добие целата сцена волуменски, да се добие убаво просторот во детали за да може карактерот да не изгледа како да не припаѓа таму“, вели Зафировски.
- Покрај видеоигрите, што изработува Академијата?
Иако, најчесто 3Д-технологиите се поврзани со изработката на видеоигри и филмови, голем е и напредокот и примената на 3Д-печатењето од страна на многу компании за производство на калапи и машински делови со далеку поголема прецизност.
„Калапите за машини кои порано ги изработуваа од дрво и од метал, денес почнуваат да се изработуваат со 3Д-печатење каде што се со многу подобра изработка. Со тоа што инженерите увидоа дека 3Д-печатењето е одличен напредок за нивната индустрија, па така ние се вклучивме во индустријата“, раскажува Митров.

Има примена и во медицината, во светот постојат и примери за 3Д-печатени куќи, а сè тоа се должи на напредната технологија, но и на брзината и издржливоста што ја поседува материјалот од кој се изработува, кој не ја загадува животната средина.
„Моментално само што започнавме со креирање на калапи за заби со тоа што се поврзуваат мостови и се прават точни заби за пациентите и морам да кажам дека ми е огромно задоволство тоа што ние сме тие кои тој чекор во оваа земја можеме да го донесеме на повисоко и поквалитетно ниво“, вели Митров.
Целта на М3ДС е да биде општествено одговорна компанија, па затоа Академијата донира 3Д-принтери во средните училишта, а покрај тоа организира и бесплатни работилници во кои се вклучени сите општини од територијата на Северна Македонија, со цел да подаде рака на младите кои сакаат да влезат во 3Д-светот и да продуцира нов, креативен и специјализиран кадар во таа област.
news_share_descriptionsubscription_contact


