Michael Hernandez
06 Ноември 2019•Ажурирај: 08 Ноември 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Меѓународна група од над 11.000 научници предупреди преку писмо за актуелната климатска вонредна состојба што може да донесе невидено страдање доколку не се спречи, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во писмото, пет научници и неколку илјади копотписници алармираат дека климатската криза не само што започнала, туку „се одвива многу побрзо отколку што очекуваа повеќето научници“.
„Тоа е многу посериозно и поголемо од предвиденото, се заканува на природните екосистеми и судбината на човештвото“, напишаа д-р Вилијам Рипл, Кристофер Волф, Томас Њусом, Фиби Барнард и Вилијам Мумав во писмото објавено во научното списание „BioScience“.
„Особено загрижувачки се потенцијалните неповратни екстремни точки на климата и повратните информации од природата (атмосферски, морски и копнени) што можат да доведат до катастрофална состојба на „Земја - стаклена градина“, далеку над можноста за контрола од страна на луѓето“.
Во писмото се нагласуваат шест главни области на загриженост, од енергетиката до храната и населението, каде што се вели дека и покрај децениските разговори за климата „и понатаму генерално водевме бизнис, и како и обично, во голема мерка не успеавме да го решиме овој проблем“.
Авторите истакнуваат дека се охрабрени од неодамнешниот пораст на загриженоста во врска со климатските промени, повикувајќи се на акциите на владите и студентските протести меѓу останатите случувања, но продолжуваат со потенцирањето дека „изгледите за иднината ќе бидат најголеми доколку носителите на одлуки и целото човештво веднаш одговорат на ова предупредување за вонредната климатска состојба“.
Објавувањето на писмото доаѓа еден ден откако американскиот претседател, Доналд Трамп, го започна официјално процесот за повлекување на Вашингтон од Парискиот климатски договор, кој има за цел да се бори против климатските промени преку заемно намалување на емисиите.