Elena Teslova
11 Октомври 2018•Ажурирај: 13 Октомври 2018
МОСКВА (АА) - „Лансирањето на руската ракета „Сојуз“, која требаше да пренесе нов екипаж на Меѓународната вселенска станица (ISS), не успеа поради дефект на леталото“, јави руската вселенска корпорација, пренесува Anadolu Agency (AA).
Вселенското летало е лансирано денес од космодромот „Бајконур“ во Казахстан, а во него имало двајца астронаути, Русинот Алексеј Овчинин и Американецот Ник Хаг.
„Центарот за контрола на мисијата ја изгуби врската со вселенското летало само 360 секунди по лансирањето“ истакнаа од Роскосмос.
Безбедносните системи го детектирале проблемот во засилувачот за првата фаза од лансирањето. Ракетата ја изгубила брзината и притисокот потребен за влегување на вселенското летало во орбитата на Земјата, што резултирало со уништување на леталото.
Од руската корпорација се вели дека капсулата со астронаутите се приземјила неоштетна во источен Казахстан. И двајцата астронаути се живи и не претрпеле повреди.
Со цел разјаснување на причините за дефектот започната е истрага.