Can Erözden
07 Јуни 2017•Ажурирај: 08 Јуни 2017
АНКАРА (АА) - Тим од петмина студенти од еден турски универзитет дизајнираше робот кој може да работи како бејбиситерка, чувар или дури како личен потсетник, јавува Аnadolu Agency (AA).
Студентите на универзитетот „Bilkent“ од Анкара, Мухамед Акбулут, Хусеин Фуркан Бозкурт, Сулејман Аијаз Мемон, Хамед Мухамеди и Фахретин Омер Ујар, својот робот го нарекоа Арбо.
Арбо користи едноставна технологија. Тој комуницира со својот сопственик преку апликација на мобилен телефон, поврзана преку Bluetooth безжичната технологија.
Роботот може да препознава гласови, да чувствува температурни разлики и да избегнува удирање во предмети при движење.
Тој може во домот да се грижи за домашни миленици и деца, а исто така да извршува и проверки на безбедноста на куќата. „Арбо може да ја мери влажноста и температурата на воздухот. Може да извести за истекување на гас или за евентуелен пожар, и функционира како камера CCTV камера, испраќајќи видео-снимки од куќата на сопственикот“, вели Бозкурт.
Студентите истакнаа дека роботот може да се користи и во болнички услови за следење на пациентите. „Тој може да ги препознае медицинските сестри и пациентите, и може да даде предупредување во случај на итни и вонредни случаи“, рече Бозкурт.
Засега Арбо може да разбере само 12 команди на турски јазик. „Но, тоа може да се прилагоди и може да се додадат многу повеќе функции“, истакна Бозкурт.
„Во блиска иднина Арбо ќе може да носи чаши низ куќата, или документи и лекови во болниците“, рече Бозкурт.
Студентите изразија голема благодарност до Научно-технолошкиот истражувачки совет на Турција (TUBITAK) за поддршката во создавањето на робот.