Arife Yıldız Ünal,Mümin Altaş
28 Јуни 2021•Ажурирај: 28 Јуни 2021
АНКАРА (АА) - АРИФЕ ЈИЛДИЗ УНАЛ / МУМИН АЛТАШ -
Министерот за транспорт и инфраструктура на Турција, Адил Караисмаилоглу, изјави дека комуникацискиот сателит „Турксат 5А“, што е лансиран во јануари оваа година, ќе започне да пружа услуги на светот со свечената церемонија, што ќе се одржи во кампусот „Голбаши“ со присуство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).
Караисмаилоглу за АА изјави дека производството, интеграцијата, испитувањето и лансирањето нови и домашни комуникациски сателити се случиле во моментите кога Турција забрзано напредува на полето на вселенските истражувања и сателитските технологии.
- Турција на пат да стане меѓународен актер -
Нагласувајќи дека Турција е на пат да стане меѓународен актер на полето на сателитските и вселенски истражувања, Караисмаилоглу изјави дека непрестајно ги надоградуваат своите стратешки комуникациски системи во поглед на услугите на емитување и пристапот до интернет и дека истовремено со остатокот на светот им ги нудат на своите граѓани иновациите што ги бара периодот во кој живеат.
Како што наведе, со телевизиското и радиоемитувањето преку сателит, пристапот до интернет и останатите сателитски услуги со додадена вредност, Турција сака да биде лидер во регионот и државите со препознатлив бренд во светот.
Тој напомена дека моќта и ефикасноста на државата во вселената со сателитската комуникација се еднакво важни и од витално значење како и копнениот, воздушниот, железничкиот и поморскиот транспорт.
- Многу точки на светот ќе бидат во опсег на покриеноста -
Тој напомена дека комуникацискиот сателит „Турксат 5А“, што успешно е лансиран на почетокот на јануари, го продолжува патувањето во орбитата.
„Тест-работата на Турксат 5А, кој од 4 мај ја достигна геосинхроната орбита во вселената и ги започна орбиталните испитувања на 5 мај, е успешно завршен“, нагласи Караисмаилоглу.
Тој порача дека се работи за комуникациски сателит што ќе покрива голем број подрачја во светот.
„Нашиот сателит ќе започне да пружа услуги во светот со церемонијата што ќе се одржи во кампусот на Турсат АС Голбаши на 28 јуни со учество и на нашиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Кога нашиот комуникациски сателит ќе биде ставен во функција, ќе ги покрива Турција и Европа, Блискиот Исток, северна Африка, централна, западна и јужна Африка, како и Медитеранот, Егејското Море и Црното Море“, појасни Караисмаилоглу.
Како што изјави, сателитот ќе ја воведе Турција во лигата на водечки држави што ги користат телевизиските услуги Ку-банд.
Караисмаилоглу уште изјави дека „Турксат 5А“ ќе пружа услуги во областа на ТВ-емитувањата и на комуникациско поле подолго од 30 години, благодарение на електричниот погонски систем.
- Новиот турски сателит „Турксат 5А“ -
Новиот турски сателит „Турксат 5А“ успешно е лансиран во јануари 2021 година од американската база „Кејп Канаверал“ на Флорида. Лансирањето на петтата генерација на турскиот сателит „Турксат 5А“ е извршено со помош на ракетата „Фалкон 9“ на „Спејс икс“.
Станува збор за комуникациски сателит, а лансирањето е извршено успешно и без поголеми проблеми.
Турскиот сателит 5А би требало да пружа телевизиски услуги Ку-банд за подрачјата на Турција, Блискиот Исток, Европа и Африка.
Властите на Турција пред три години потпишаа договор со компанијата „Ербас“ (Airbus) за производство на сателитите на Турксат 5А и 5Б. Турција работи и на производство на сателитот Турксат 6А, производ на домашната индустрија.
Турција е една од 30-те држави што имаат сателити во вселената, а моментално има четири сателити.