Gökhan Ergöçün,Tolga Yanık
27 Септември 2022•Ажурирај: 28 Септември 2022
ТРОЈА/ИСТАНБУЛ (АА) - Беспилотното површинско возило Марлин (USV), развиено и произведено во Туркије, ги покажа своите способности на неодамнешната вежба на НАТО во југозападна Португалија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Беспилотното површинско возило е произведено со соработка помеѓу турскиот одбранбен гигант Аселсан и бродоградилиштето Сефине во северозападната турска област Јалова, под покровителство на Одбранбената индустрија на Туркије.
Околу 20 бродови исто така учествуваа во шестдневната вежба што започна во неделата под името „Dynamic Messenger 2022“.
Марлин, именуван по океанската риба што брзо плива, беше првото беспилотно возило што ја претставуваше Туркије на вежба на НАТО.
Тоа е, исто така, првото високотехнолошко беспилотно површинско возило во светот кое може да се пофали со можности за електронско војување и има голема носивост.

Мустафа Лутфи Џивелек, менаџер за стратешки и беспилотни системи во бродоградилиштето Сефине, рече дека ова е прв пат Марлин, како нова платформа, да настапи под тешки услови во океанот како дел од вежбата на НАТО по завршувањето на клучните тестови во Туркије.
Како што рече тој, ова е уникатно возило кое може да извршува мисии на површината и на море.
Тој додаде дека Марлин се соочил со тешки морски услови во вежбата на НАТО, но се покажал способен и ја задржал стабилноста.
„Марлин доби специјални задачи со набљудувачи на високо ниво и успешно ги заврши“, рече Џивелек, истакнувајќи дека одредени официјални лица од други земји сакаат да воспостават соработка за ова високотехнолошко возило.
„Висок претставник на влијателна земја на НАТО доби информација за Марлин и изрази желба за соработка во наредниот период“, рече Цивелек.
Џивелек нагласи дека, за време на вежбата, податоците добиени додека Марлин ги извршувал своите задачи дале голем увид за неговиот развој, за интероперабилноста со повисоките штабови, командните и контролните системи и елементите на море, воздух и подморници.

„Покрај Туркије, само САД и Велика Британија поседуваат платформи кои би можеле да извршуваат такви задачи во вежбата“, рече тој.
„Освен овие, нема други беспилотни платформи кои можат да работат со летачки, пловечки, нуркачки елементи и да комуницираат со командниот штаб“, додаде Џивелек.
Тој истакна дека Марлин може да извршува големи задачи, вклучително и извидување, надзор и собирање информации и пренос до повисокиот штаб при поморски, површински и подморски облици на војување.
„Марлин, исто така, има основни и автономни навигациски способности и во иднина ќе биде опремен со наведувана муниција Кузгун со среден дострел за површинска војна“, додаде Џивелек. „Марлин има можност за откривање на електронско војување и способност за напад, има комуникациски способности далеку над стандардите и за на вода и под вода.
Исто така, има способност да се вклучи со лесни торпеда против подморнички цели.
Џивелек појасни дека возилото има и двослоен команден систем што вклучува систем за тактичка одбрана и оперативен команден систем.
Тој рече дека тоа ќе преземе важни улоги, развиени со повратни информации од операциите на турската морнарица.