Göksel Yıldırım
03 Септември 2019•Ажурирај: 04 Септември 2019
АНКАРА (АА) - Турската компанија „Бајкар“ изврши успешен тест на работата на моторот на борбеното беспилотно летало „Акинџи“, познато и како „Риба која лета“, јавува Anadolu Agency (AA).
Веќе докажаниот снабдувач на Турските вооружени сили, компанијата „Бајкар“, работи на производство на ново и беспилотно летало кое во многу операции ќе може да ги замени воените авиони.
Техничкиот директор на „Бајкар“, Селџук Бајрактар, соопшти дека утринава успешно е извршен тест на палење и работа на моторот кој е специјално изработен за леталото „Акинџи“.
„Денеска комплетиравме важен тест“, рече Бајрактар.
Челникот на одбранбената индустрија на Турција, Исмаил Демир, исто така изјави дека утринскиот тест е важен чекор напред во правец на јакнење на одбранбените капацитети на земјата.
„Турските воздухопловни сили од 2015 година користат беспилотни летала од домашно производство и тие станаа особено важни во борбата против тероризмот. Со развојот на „Акинџи“, тие капацитети ќе бидат значително зајакнати. Честитам, продолжуваме со работа“, порача Демир.
Леталото „Акинџи“ достигнува висина до 40.000 стапки (12,2 километри) и во воздух може да остане 24 часа. Носивоста на леталото е до 1.350 килограми и способно е во многу мисии да замени воени авиони.
Опремено е со современи електронски и комуникациски уреди за извидувачки мисии, а воедно е опремено и со проектили, кои исто така се произведуваат во Турција.