Dzihat Aliju
07 Април 2017•Ажурирај: 08 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) – ЏИХАД АЛИУ – Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ) во Скопје, кој со иницијатива на значајни турски академици како и бизнисмени беше основан во 2006 година, постигна уште еден нов успех.
ИБУ е основан од страна на добротворни луѓе, како и бизнисмени од Балканот, особено од Турција и од Македонија, со цел да ги соберат заедно младите на Балканот. Универзитетот во 2015/2016 година беше прогласен за најдобар универзитет во Македонија, во категоријата образование на Шангајската ранг-листа.
Ректорот на ИБУ, проф. д-р Исмаил Коџајусуфоглу, за Anadolu Agency (AA) зборуваше во врска со оваа тема и истакна дека како универзитет, многу се задоволни од постигнатиот успех.
„ИБУ ја освои титулата најдобар универзитет во Македонија, во категоријата образование на Шангајската ранг-листа, која во светската литература е еден од најзначајните критериуми во универзитетското рангирање“, истакна Коџајусуфоглу и пренесе дека се гордеат со постигнатиот успех во образованието, кој основачите на универзитетот го имале како цел.
Коџајусуфоглу посочи дека веруваат оти во иднина, освен во категоријата образование, ќе ја унапредат и категоријата истражување, како и социјалните и културни придобивки. Тој вели дека целосно веруваат оти ова ќе биде постигнато со новиот кампус и со новите можности.
- Во текот на оваа година ќе влезат во новиот кампус
Ректорот Коџајусуфолгу потсети дека универзитетот најпрвин бил основан со 2 факултета, а денес на студентите им се нуди квалитетно образование со 7 факултети, 22 додипломски и 6 постдипломски програми.
„Од аспект на структурата на студентите, ние сме еден универзитет којшто овозможува да се соберат сериозен број на студенти не само од Балканот, туку и од Европа, Азија, Средна Азија, како и од Турција, која игра улога на мост меѓу овие региони. ИБУ е едно меѓународно место, каде со меѓународни настани, симпозиуми, студентски конгреси, како и со проекти од Еразмус, на едно место се собираат студентите од целиот свет. ИБУ има чест поради тоа што во универзитетот има студенти од сите земји на Балканот“ истакна Коџајусуфоглу, и укажа на бројот на студентите и на разновидноста на земјите од кои доаѓаат овие студенти.
Коџајусуфоглу информираше дека во текот на оваа година, универзитетот ќе се премести во нов кампус и со тој кампус, универзитетот ќе го комплетира делот што недостасува.
ИБУ, како што вели Коџајусуфоглу, е акредитиран универзитет во Македонија, но и во Турција. Тој вели дека поради што се наоѓаат во програмата на Центарот за избор и сместување на студенти (ÖSYM), ИБУ е единствениот универзитет во којшто со тој испит се сместуваат студентите од Турција.
Ректорот Коџајусуфоглу истакна дека добивањето на титулата најдобар универзитет е најдобриот показател за тоа колку сериозно и квалитетно образование можат да им понудат на идните генерации.
Коџајусуфоглу нагласи дека универзитетот ги интегрира студентите и образованието, и со помош на студентските и научните конгреси, како и со социјални активности, ИБУ секој ден со сигурност чекори кон тоа да стане еден водечки универзитет.