СКОПЈЕ (АА) – Вечерва во Скопје се одржа свечана церемонија на доделување на дипломи на студентите од додипломски и постипломски студии на Интернационалниот Балкански Универзтитет (ИБУ) во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
По повод оваа свеченост која се одржа во Македонскиот народен театар присуствуваше министерот за образование на Република Турција Исмет Јилмаз, вицепремиерот во Владата на Република Македонија за спроведување на Рамковниот договор Фестим Халили, министерот без ресор во Владата на Македонија Бејџан Илјаз, пратеници од АК Партија од Турција, Хусеин Бурге и Зеки Ајѓун, ректорот на ИБУ во Скопје, Исмаил Коџајусуфоглу, како и бројни други претставници на турските институции и организации во земјава и други гости.

- Претседателот Ердоган и премиерот Јилдирим со порака до ИБУ
Во своето обраќање министерот Јилмаз го истакна своето задоволство што има можност да присуствува на свечената церемонија на доделување на дипломите на студентите на ИБУ и ги прочита пораките кои по тој повод ги упатија претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган и премиерот на Република Турција Бинали Јилдирим.
Во пораката од претседателот Ердоган, која ја прочита министерот Јилмаз беше нагласено дека приоритет на младите треба да им биде образованието, истражувањето и науката со цел да младите генерации обезбедат посветла и подобра иднина за нивната земја.
„Нашата најголема желба е да пораснат млади кои одат по нивните идеали, кои ја сакаат нивната татковина и земја, кои ги зимаат како основа љубовта, почитувањето и искреноста", рече министерот Јилмаз.
Пренесувајќи ја пораката на премиерот на Турција Бинали Јилдирим, упатена по повод свечената церемонија на доделување дипломи на студентите на ИБУ, министерот Јилмаз рече дека турскиот премиер упатил честитки до дипломираните студенти посакувајќи им успех во понатамошниот живот.
Меѓу другото, министерот Јилмаз упати честитки до семејствата на студентите, како и до професорите за кои рече дека имаат свој придонес за постигнатиот успех на студентите.
„ИБУ нуди нови хоризонти, води кон развој и промени", рече министерот Јилмаз осврнувајќи се на работата, успесите и можностите кои ги нуди универзитетот ИБУ како високообразовна институција.
Министерот за образование на Република Турција, Исмет Јилмаз во својот говор истакна дека Македонија и Турција имаат многу заеднички нешта и сакаат да ја зајакнат соработката во сите области со балканските земји, особено со Македонија.
„Во оваа соработка најзначајна е соработката во образованието. Целта на соработката во областа на образованието е да се обезбедни поквалитетна настава. ИБУ е конкретен и најдобар пример на соработка од оваа област", заклучи министерот Јилмаз.

На свеченоста се обрати и Фестим Халили, вицепремиерот во Владата на Република Македонија, задолжен за имплементација на Рамковниот договор. Тој упати благодарност до ИБУ за придонесот кој оваа високообразовна институција го дава во сферата на едукацијата на младите луѓе и посака успех во иднина.
„Денеска кога ги добивате дипломите во Вашите раците, не заборавајте дека искуството од ИБУ ќе направи од Вас подобри луѓе”, порача министерот Халили.
- ИБУ рангиран за надобар универзитет во Македонија за 2016 година
На свеченоста се обрати ректорот на ИБУ, проф. д-р Исмаил Коџајусуфоглу кој рече дека е горд што ИБУ според Шангајската ранг листа е прогласен за најдобар универзитет од областа на образованието во Република Македонија за 2016 година. Ректорот Коџајусуфоглу ги информираше присутните за 10-годишнината од работата на ИБУ и истакна дека во оваа пригода сака да пренесе пораки до претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, потсетувајќи дека тој во неговиот говор во 2011 година на свечена церемонија, рекол дека младите луѓе ќе можат да обезбедат мир во иднина.

„Јас како ректор кажувам дека овие млади успеале да обезбедат братсво, единство, мир во овој регион", рече ректорот Коџајусуфоглу, додавајќи дека ИБУ има цел од младите да направи тие да бидат лидери на иднината.
Хусеин Бурге, пратеник на АК Партија и претседател на Фондацијата „Üsküp" рече дека ИБУ како универзитет претходно имал цел да биде најдобар универзитет во Македонија и тоа го постигнал во овие десет години. Исто така, Бурге рече дека тоа не е доволно и порача дека нивната следна цел е како универзитет да бидат најдобри на балканските простори.
Пратеникот Бурге во својот говор го цитираше турскиот претседател Ердоган, велејќи дека младите треба многу да да се посветат на учењето, да размислуваат, да ги применуваат своите знаења за да на крај постигнат резултати. Тој додаде дека очекува ИБУ да биде најдобар универзитет во регионот.
На свеченоста беа доделени вкупно 154 дипломи, од кои 137 на студентите за завршени додипломски студии и 17 за студентите за магистерски студии.
Во рамките на свечената церемонија на доделување на дипломите на студентите имаше и културно забавна програма на која се претставија студентите од ИБУ од различни земји од регионот.
Воедно беа прогласени најусепшните и најдобрите студенти на ИБУ од сите факултети при овој универзитет.
ИБУ оваа година одбележува 10 години од своето постоење, при што се одржа церемонија на доделување на дипломи на седмата генерација на студенти на овој универзитет и на четврта генерација на студенти од магистерски студии.
Инаку, ИБУ е основан 2006 година, а првата генерација дипломираше 2011 година при што имаше само 19 студенти. Минатата учебна година на ИБУ дипломираа 147 студенти, додека оваа година 157 студенти. На почетокот универзитетот работеше само со два факултети и две програми, додека денеска на младите им овозможува да се образуваат на седум факултети и седум програми за високо образование.