Zehra Nur Düz
20 Октомври 2019•Ажурирај: 21 Октомври 2019
АНКАРА (АА) - Турското Министерство за надворешни работи го осуди извештајот на „Амнести интернешнал“ (Amnesty International) во врска со антитерористичката операција на Турција во северна Сирија, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Целосно ги отфрламе неоснованите наводи во извештајот на „Амнести интернешнал“ за операцијата Извор на мирот“, се вели во соопштението на Министерството.
„Министерството истакна дека овие неосновани тврдења ги смета како дел од кампањата за оцрнување на 'нашата борба против терористичката закана што потекнува од Сирија и е насочена кон нашата национална безбедност'“, се вели во соопштението.
Во соопштението се повторува дека операцијата „Извор на мирот“ е антитерористичка операција против терористичката организација ПЈД/ЈПГ, која се заканува на националната безбедност на Турција и територијалниот интегритет на Сирија преку нејзината сепаратистичка агенда.
„Во планиранирањето и спроведувањето на операцијата како цел се вклучени само елементите на ПЈД/ЈПГ и нивните засолништа, позиции, оружје и опрема“, се додава во соопштението.
Министерството истакна дека се преземени сите потребни мерки на претпазливост во однос на ненанесување штета врз цивилите и цивилната инфраструктура.
Исто така потсетува дека Сириската национална војска (СНВ), која ѝ дава поддршка на антитерористичката операција на Турција, формираше Комисија за истраги, со цел испитување на случаите на цивилни жртви наводно предизвикани од овие елементи.
Министерството нагласува дека поврзаноста на ПЈД/ЈПГ со ПКК, која исто така се смета за терористичка организација и од страна на ЕУ и НАТО, и злосторствата и насилствата извршени од нејзините елементи постојано се документираат.
Во соопштението се повикува „Амнести интернешнал“ да ги разгледа овие документи од независни меѓународни организации.
Турското Министерство се огласи со соопштение по минатонеделното соопштение на „Амнести интернешнал“ во кое се вели дека Турција вршела „насилства“ во текот на својата антитерористичка операција во североисточна Сирија.
Претходно, „Амнести интернешнал“ во својот извештај на 13 октомври истакна дека силите на ЈПГ во северна Сирија извршиле воени злосторства во текот на судирите со ДЕАШ. Организацијата за човекови права вели дека илјадници луѓе се намерно принудени да ги напуштат своите домови, а цели села биле срамнети со земја од борците на ЈПГ.
Турција на 9 октомври ја започна операцијата „Извор на мирот“ за елиминирање на терористите од северна Сирија, со цел обезбедување на турската граница и безбедно враќање на сириските бегалци, како и осигурување на сирискиот територијален интегритет.
На 17 октомври Турција се сложи привремено да ја запре операцијата „Извор на мирот“ на 120 часа заради повлекување на терористите на ЈПГ/ПКК од планираната безбедносна зона.
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, и американскиот потпретседател, Мајк Пенс, исто така постигнаа договор Турција да формира 32 километри широка безбедносна зона јужно од турската граница во Сирија.
Анкара сака да ја расчисти северна Сирија, односно подрачјето источно од реката Еуфрат, од терористите на ПКК и нејзиниот сириски огранок ЈПГ/ПКК.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и жени и деца.