ЗАГРЕБ (AA) - Германската канцеларка Ангела Меркел, по состанокот со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во Загреб, изјави дека ѝ е жал што на минатиот состанок на Советот на Европската Унија не се започнати пристапните преговори со Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во рамките на Конгресот на Европската народна партија (ЕПП), кој се одржува во Загреб од 19 до 21 ноември 2019 година, на кој учествуваат бројни челници на европските држави и институции, одржан е состанок на германската канцеларка Меркел и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
Меркел рече дека двете земји во наредниот период ќе имаат блиска соработка со оглед на претседавањето со Советот на ЕУ. Порача дека Германија ќе ја поддржи агендата на хрватското претседавање колку што тоа ќе биде во нејзината моќ.
„Бидејќи проблемите кои ќе бидат решени во текот на хрватското претседавање, нема да мораме ние да ги решаваме, сметаме дека е потребно тесно да соработуваме. Имаме исти приоритети“, рече Меркел.
Нагласи дека Германија ги поддржува плановите на Владата на Хрватска во текот на претседавањето да дојде до состанок со земјите од Западен Балкан во полн формат.
„Важно е да ги исполниме сите предуслови да започнат пристапните преговори со Северна Македонија. Жал ми е исто како и на Пленковиќ, што тоа не ни успеа во текот на минатиот Совет“, порача Меркел.
Односите на Германија и Хрватска ги оцени како многу добри, изјавувајќи дека двете земји немаат многу отворени прашања, имаат добра економска соработка, за која смета дека може да биде и подобра.
На прашањето околку предлогот на Франција за промена на преговарачкиот процес за пристапување во ЕУ, Меркел одговори дека со Франција најпрвин мора да се разговара за тоа кои елементи можат точно да се подобрат или сменат во пристапниот процес.
„Подготвени сме за разговор, иако денес веќе постои цела низа флексибилности во тој процес. Сакаме да се усогласиме што поскоро за конкретно да можеме да напредуваме. Мора да постои реалистична перспектива на пристапување во ЕУ за земјите на Балканот, бидејќи не би било добро да се случи да ветиме нешто, а потоа од тоа да се откажеме“, рече Меркел.
На прашањето на новинарите како Хрватска како мала и млада држава која и покрај нејзиниот развој, има проблеми со имплементацијата на човековите права, што се одразува на границата со мигрантите, може да ја предводи европската заедница, Меркел одговори:
„Морам да кажам дека Хрватска, како една млада држава, и тоа како може да го внесе своето искуство, бидејќи нејзините сеќавања околу пристапниот процес се многу свежи, за разлика од Германија чие пристапување е во далечното минато. Мислам дека ЕУ живее од тоа да имаме различни перспективи и мислам дека се тоа големи предизвици кои треба да се совладуваат. Искрено кажано, Германија има искуство со бегалците и со мигрантите, но од перспектива на една земја која мора да ги штити надворешните граници, тоа изгледа поинаку отколку од перспектива на земја која е во средина на шенгенскиот простор“, рече Меркел, и додаде:
„Поради тоа секогаш давав голема важност на вредноста на тоа да успееме да го сочуваме Шенген. Поради тоа денес сме согласни во тоа да имаме договор со Турција и само така ќе можеме да разговараме на правилен начин. Исто така, би била спремна, евентуално на Турција, која има многу обврски во таа смисла, да ѝ се даде додатна помош, и за тоа дискутиравме.“
Меркел на крајот истакна дека младите земји членки и оние кои веќе долго време се членки сочинуваат „еден убав микс“.
„Тоа нас ќе нѐ оживее и поради тоа се радувам на хрватското претседавање. Ќе ги здружиме нашите искуства“, порача Меркел.
news_share_descriptionsubscription_contact
