Abdula Berisha
21 Април 2022•Ажурирај: 22 Април 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, на церемонија со највисоки државни и воени почести го пречека претседателот на Латвија, Егилс Левиц, кој престојува во прва официјална посета на земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Двајцата претседатели одржаа билатерална средба, по што следуваше пленарен состанок на двете делегации.
Во фокусот на разговорите се севкупните билатерални односи, политиката на проширување на ЕУ, безбедносните предизвици во поширокото соседство во контекст на руската воена инвазија врз Украина.
На заедничката прес-конференција, претседателот Пендаровски се заблагодари за латвиската поддршка за евроинтегративниот пат на Северна Македонија.
„Вие и латвиското политичко раководство апсолутно разбирате дека мирот и безбедноста во Европа се во директна корелација, помеѓу останатото, и со одлуките на Унијата за нејзиното проширување“, рече Пендаровски.
Претседателот на Латвија, Егилс Левиц, истакнувајќи ги одличните односи меѓу двете земји, рече дека Латвија и Северна Македонија се залагаат за мир и безбедност во Европа.
Тој, исто така, рече дека руската инвазија во Украина целосно ја промени безбедносната ситуација во Европа.
„Сигурен сум дека новонастанатата ситуација во Европа ќе доведе и до поголема отвореност на ЕУ во однос на проширувањето, во однос на пристапувањето на Северна Македонија, бидејќи тоа е и прашање на кредибилитетот на ЕУ“, рече Левиц, додавајќи дека ЕУ треба да ги исполни ветувањата.
Во рамки на официјалната посета на претседателот Левиц, предвидено е полагање на венци на гробот на Гоце Делчев.