Besar Ademi
01 Февруари 2017•Ажурирај: 01 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, по состанокот со претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на која разговараа за актуелната политичка состојба создадена како резултат на неуспехот претседателот на ВМРО-ДПМНЕ да ја формира новата влада, изјави: „Сите страни треба да придонесат за земјата да излезе од оваа политичка криза“, јавува Anadolu Agency (AA).
Ахмети истакна дека сите страни имаат одговорност да придонесуваат за изнаоѓање на одржливо решение, бидејќи, како што рече, се работи за иднината и стабилноста на државата, и за имиџот на државата и нашиот заеднички дом. Тој додаде дека сите опции за формирање на новата влада се отворени.
„На средбата бевме известени околу целиот процес за тоа како да се стигне до решение на нашите проблеми, како да постигнеме да имаме парламентарно мнозинство, бидејќи навистина е одговорност да најдеме прифатливо решение за да имаме стабилни органи и да управуваме потоа со државата“, рече Ахмети.
Ахмети додаде дека на средбата со претседателот се разговарало и за ситуацијата во регионот и пошироко, истакнувајќи дека ситуацијата не е толку поволна за Македонија.
„Ние, исто така, разговаравме и околу политичката ситуација во регионот, но и пошироко. Ситуацијата во регионот и пошироко не е толку поволна за ние овде да можеме да живееме и да останеме безгрижни, туку сите треба да се посветеиме на градење на институциите за да се преземе одговорноста за соочување со иднината и со кој било вид на кризи што може да се случат, како во регионот, така и пошироко“, рече Ахмети.
На прашањето околу тоа што тој како лидер кој го имаше клучот за формирање на новата влада, одби да коалиционира со ВМРО-ДПМНЕ, Ахмети рече дека сега клучот не е кај него, туку кај претседателот на земјата, а одлуката ќе му остане нему.
Инаку, претседателот Ѓорге Иванов на пладне почна одвоени средби со лидерите на политичките партии за да разговараат за актуелната политичка ситуација околу формирањето на новата влада. Првата средба ја започна со претседателот на Движење „БЕСА“, а потоа со претседателот на ДР-ДПА, Зијадин Села, кои не дадоа изјави за медиумите. Претседателот на ДУИ беше трет, додека останува да се остварат средби со лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Зоран Заев, и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Консултациите на претседателот Иванов со парламентарните партии следуваат по состаноците што шефот на државата ги одржа вчера со претседателот на Уставниот суд, Никола Ивановски, и со амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар.
Законски определениот рок за формирање влада истече на 29 јануари, откако претходно Иванов му додели мандат за формирање влада на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, односно на партијата што на парламентарните избори од 11 декември освои најголем број пратеници.