Besar Ademi
03 Април 2017•Ажурирај: 04 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, оствари средба со претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во претседателската вила „Вила Водно“ во Скопје. Акцентот на состанокот беше на бегалската криза и на улогата на Македонија во нејзиното справување со кризата. Туск даде препораки дека соработката во оваа област треба да продолжи и во иднина, и истакна дека Европа е подготвена да ги задоволи потребите на земјата, со хуманитарна поддршка за локалната заедница или со средства или човечки ресурси, јавува Anadolu Agency (AA).
„Вие најдобро од сите можете да кажете колку беше важно затворањето на Западен Балкан и повторното обезбедување контрола на границите, а како резултат на тоа воспоставување стабилност во регионот. Развивме сеопфатна стратегија за справување со мигрантската криза и денес патот на Западен Балкан останува практично затворен, сето тоа благодарение на вашите напори“, рече Туск.
Шефот на Европскиот совет, исто така, зборуваше за актуелната политичка криза што ја зафати Македонија. Обраќајќи му се на претседателот Иванов, тој истакна дека не е лесно да се обезбеди лидерство во овие тешки времиња за Македонија.
Тој истакна дека единството денес е многу потребно за земјата и посочи да се избегнуваат активностите што ги поттикнуваат тензиите, меѓу другото, и врз етничка основа.
„Оваа политичка криза ја запира вашата земја на евроатлантскиот пат. Останува на вас да се најде решение во согласност со демократските принципи, пристојноста и здравиот разум. Само таквото решение може да биде стабилно. Кога ќе го најдете, можете да сметате на нашата поддршка“, истакна Туск.
- Иванов: Мојот став останува непроменет
Од друга страна, претседателот на Македонија Ѓорѓе Иванов по средбата со претседателот на Еворпскиот совет, Доналд Туск, изјави дека неговиот став останува непроменет.
Според него, одлуката да не му го додели мандатот на лидерот на Социјал-демократскиот сојуз (СДСМ) за состав на новата влада е превентивна, со цел да се спречат штетни последици со кои земјата би можела да се соочи.
„Императив за партиските лидери треба да биде спроведување на ургентните реформски приоритети. Прва точка на дневниот ред на партиите и пратениците треба да бидат европските реформи, а не спроведување на постизборна платформа креирана во туѓи држави. Платформата со која се загрозува независноста на државата, се условува постигнувањето на парламентарното мнозинство, се уценува составот на новата влада, се нарушуваат добрососедските односи со директно мешање во внатрешните работи во Македонија, се поттикнуваат тензии во меѓуетничките односи, се манипулираат граѓаните со прашања кои се надвор од Рамковниот договор, се бара промена на Уставот. Затоа, на Република Македонија ѝ се потребни европски реформи, а не туѓи платформи", истакна претседателот Иванов.
Тој рече дека на средбата станало збор и за мигрантската криза, при што тој упати благодарност до Европскиот совет за поддршка која и ја дава на Македонија.
„Како држава мора да се фокусираме на европските реформи. Република Македонија како досега така и отсега ќе се фокусира на заштита на националната безбедност и сигурноста на своите граѓани, но истовремено Македонија е чувар на портите на Европа и повеќе од 19 месеци врши контрола на преминот за влез во најбрзиот мигрантски коридор што води кон Европа. Мојата порака до ЕУ е јасна: Помогнете ни за да ви помогнеме. Помагајќи и на Македонија си помагате себе си", потенцираше претседателот Иванов.