Bekim Laci
28 Март 2019•Ажурирај: 29 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) – Непосредно пред почетокот на кампањата за претседателските избори во Северна Македонија која почнува в понеделник, претседателот на Собранието, Талат Џафери, ги повика граѓаните да го остварат своето право на гласање, додека политичките субјекти кои ги поддржуваат претседателските кандидати, ги повика на одговорност за нивото на политичката култура и комуникацијата со граѓаните во текот на кампањата, јавува Anadolu Agency (AA).
На неформален состанок со новинарите во Собранието, Џафери изрази убеденост дека тројцата кандидати имаат интелектуален капацитет за да водат кампања во состав на нивната репутација која ја уживаат во општеството.
Според него, ова гарантира дека изборите ќе бидат слободни, мирни и прифатени, затоа што ова е во интерес на граѓаните и на државата непосредно пред почетокот на претпристапните преговори за членство во Европската Унија (ЕУ) и спроведувањето на Протоколот за членство во НАТО.
На состанокот со новинарите Џафери рече дека во текот на кампањата нема да закажува редовни седници, дури и ако партиите се договорат за Законот за Специјалното обвинителство, затоа што, како што истакна, искуството од минатото говори дека пратениците ќе ги искористат овие седници за цели што ѝ служат на претседателската кампања.
Зборувајќи за законите донесени во Собранието во изминатите денови кои претседателот на Северна Македонија, Ѓорѓе Иванов, нема да ги потпише, Џафери рече дека законите ќе го чекаат потписот на идниот претседател.
Меѓутоа, како што објасни Џафери, ако изборите бидат неуспешни поради недоволна излезеност во вториот изборен круг, тој ќе може да ги потпише во својство на в.д. претседател на државата.
„Во контекст на законите кои се враќаат, за да го почитуваме рокот од 30 дена од донесувањето на законите, за оние што ќе се вратат од вчерашната седница и од седницата пред неа, обврзан сум во рок од 30 дена да свикам седница која може да кореспондира со времето на кампањата, но ова ќе се прави поради роковите, не планирам редовни седници“, рече Џафери, според кого ова се прави со цел кампањата да не се префрли во Собранието.
Што се однесува до реформските закони, Џафери ги повика партиите да ги надминат разликите за Специјалното обвинителство, бидејќи за донесувањето на Законот има доволно време - седницата може да ја свика и по 6 мај, кога завршува процесот на претседателските избори.