Besar Ademi
25 Февруари 2019•Ажурирај: 26 Февруари 2019
СКОПЈЕ (АА) - Министерката за одбрана на Албанија, Олта Џачка, по средбата во Скопје со вицепремиерката и министерка за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шекеринска, истакна дека нејзината земја ги смета стабилноста и безбедноста на Северна Македонија како еден од главните услови за гарантирање на безбедноста на регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
На заедничката прес-конференција со министерката Шекеринска одржана во Владата на Република Северна Македонија, Џачка нагласи дека потпишувањето на Протоколот за членство во НАТО на Северна Македонија беше извонреден момент за целиот Балкан.
Џачка рече дека цврстата поддршка на Албанија за нејзините соседи во процесите на евроинтеграција е една од стратешките цели на надворешната политика на оваа земја.
„Од денес целиот регион ќе биде побезбеден, со повеќе стабилност, и сигурна сум дека сите заедно ќе можеме да гледаме кон иднината со повеќе оптимизам. Албанија секогаш ги сметала стабилноста и безбедноста на Северна Македонија за еден од главните услови за гарантирање на безбедноста на регионот“, нагласи Џачка.
Таа изрази задоволство за договорите што ги постигна Северна Македонија со нејзините соседи, за како што рече таа, „храброста што ја покажавте во текот на овие деликатни преговори“.
„Постигнувањето на Договорот за името со Грција, но и ратификувањето на законските измени што ги спроведоа, една од најважните точки од Охридскиот договор, употребата на албанскиот јазик како еден од официјалните јазици во Северна Македонија, без сомнение дека се одлики кои бараат многу храброст и многу визионерско лидерство. Јас се чувствувам многу добро што албанскиот фактор, политичкиот и граѓанскиот, играше толку конструктивна улога, претворајќи се во еден од промотерите на овие настани и извонредни достигнувања кои ги забележавме во последниот месец“, додаде таа.
Од друга страна, министерката за одбрана на Република Северна Македонија, Радмила Шекеринска, укажа на поддршката на Албанија кон Северна Македонија во текот на последните две години, особено за членството во НАТО.
„Драго ми е што оваа година и изминатата година, не само зборовите туку и делата покажаа дека нашите две земји се вистински пријатели, знаат вистински да се почитуваат, и дека знаат во најважните моменти да си дадат целосна поддршка. Република Албанија тоа го направи со континуираната поддршка на нашето членство во НАТО Алијансата, но и со исклучително брзата реакција кога на 14 февруари овој месец, како трета земја, веднаш по Грција и Словенија, го ратификува Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО Алијансата. Така постапуваат само вистинските пријатели и добрите сојузници“, истакна Шекеринска.
Шекеринска се осврна на соработката меѓу земјите во регионот, и рече дека регионот не е таков каков што беше пред 10 или 20 години, бидеќи, како што рече таа, „земјите досега најблиски од географски аспект станаа нашите најблиски пријатели“.
„Фактот дека нашите први соседи, земјите од регионот, Грција, Албанија, Бугарија, Словенија, први го ратификуваа Протоколот за нашето пристапување кон НАТО Алијансата, покажа дека НАТО вредностите се и наши вредности. Знаеме да соработуваме, знаеме да се почитуваме и знаеме да си даваме поддршка, бидејќи кога имаме најголеми проблеми, кога се соочуваме со најтешки прашања, соседите се први кои можат да ни помогнат“, нагласи Шекеринска.
Џачка престојува во официјална посета на Република Северна Македонија. Таа беше пречекана од страна на Шекеринска со воени почести пред Министерството за одбрана, а потоа преминаа на средба со премиерот на земјата, Зоран Заев. Се очекува Џачка да се состане и со претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери.