Admir Fazlagic
27 Септември 2017•Ажурирај: 27 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, заедно со министерот за надворешни работи Никола Димитров, денеска во Брисел, во пресрет на Состанокот на северно-атлантскиот совет со Република Македонија (NAC+1), се сретнаа со заменик-генералниот секретар на НАТО, Роуз Готемелер, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти прес службата а Владата на Република Македонија, на средбата стана збор за стабилноста и безбедноста на Западниот Балкан, за политичката ситуација во Македонија и за прогресот во реформските процеси на новата Влада.
Заменик генералниот секретар на НАТО Роуз Готемелер изразил благодарност за учеството на македонските одбранбени сили во Авганистан и посочил дека Република Македонија е ценет партнер на НАТО.
„Реформите кои го зајакнуваат доброто владеење, владеењето на правото, и добрососедските односи во вашето мултиетничко општество се од корист за сите ваши граѓани. Прогресот во спроведувањето на реформите бара време и напор, но знаеме дека реформите ќе бидат од голема корист за вашата земја додека се приближувате кон вашите евроатлантски цели и аспирации", рече Готемелер на прес конференцијата по средбата.
Готемелер потенцираше дека НАТО сака да ја види Македонија да ги оствари своите аспирации, како успешно интегрирана земја во стабилен и просперитетен регион.
„Вратите на НАТО остануваат отворени и НАТО ќе продолжи да ја поддржува вашата нација на патот кон членство во Алијансата", рече Готемелер.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров истакна дека новата македонска демократија успеа да постигне политичка промена во услови на институционална, дури и морална криза.
„Решивме да инвестираме во демократијата за да не се повторат последните години, сакаме слободни медиуми, функционален парламент, независно судство, бидејќи тоа е земја како членките на НАТО, кои ги делат истите вредности. Ќе и дадеме на Алијансата повеќе причини зошто Република Македонија треба да биде 30-та членка на НАТО. Го гледаме регионот низ перспектива – или заедно ќе успееме или не. Ние сме земја која гради мостови. Горди сме на Договорот склучен со Бугарија, ќе го движиме регионот во добра насока, поискусни од кризата ќе помогнеме и на другите да одат напред", рече Димитров.
Министерката Шекеринска потенцираше дека Македонија е партнер на НАТО на кој може да му се верува. Таа рече дека владата е посветена земјата да се врати на патот на реформи и кон членство во ЕУ и НАТО.
Веднаш по изјавите за медиуми, министрите за одбрана Шекеринска и за надворешни работи, Димитров, го започнаа состанокот со Северно-атлантскиот совет на Алијансата на кој и формално ќе се заокружи 17. Акциски план за членство на Македонија во Алијансата, информираа од Владата на Република Македонија.