Husamedin Gina
21 Јули 2022•Ажурирај: 22 Јули 2022
СКОПЈЕ (АА) – Вицепремиерот за европски прашања на Северна Македонија, Бојан Маричиќ, истакна дека до ноември 2023 година треба да заврши процесот на скрининг со Европската Унија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вицепремиерот Маричиќ, денеска на прес-конференција ја презентира временската рамка за стартот и завршувањето на процесот на скрининг со Европската Унија.
Истакнувајќи дека де јуре и де факто скрининг процесот е започнат пред два дена, на 19 јули 2022 година кога се одржа првата меѓувладина конференција, Маричиќ рече дека тоа ја означува последната етапа од патот кон полноправно членство во Европската Унија.
„Скринингот е аналитичка презентација на состојбата во земјата кандидат за членство во Унијата во однос на нејзиниот степен на усогласеност со правото на Европската Унија“, нагласи Маричиќ.
Тој истакна дека скринингот е формална и техничка операција што ја врши Европската комисија, неопходна и многу важна за да се добие јасен преглед каде стои државата и што треба да се направи во годините што следуваат.
„Овој процес, скринингот, се состои од две фази. И тоа објаснувачки скрининг, со кој Европската комисија на државата кандидат ѝ ги презентира клучните правни акти за секое поглавје, и билатерален скрининг со кој земјата кандидат, односно ние, го презентираме степенот на усогласеност на националното законодавство, согласно со презентираните акти на ЕУ“, посочи Маричиќ.
Истакнувајќи дека скринингот се одвива на ниво на кластери, Маричиќ рече дека во моментот има шест кластери и дека Европската комисија планира овој процес да го заврши во ноември 2023 година.
Според него, 45 отсто од законодавството на Северна Македонија веќе е усогласено со законодавството со ЕУ.
Согласно со најавата, како што истакна вицепремиерот, првиот скрининг извештај за кластерот „Фундаментални вредности“ се очекува во првиот квартал од 2023 година, поточно до крајот на март 2023 година.
На прес-конференцијата, Маричиќ, исто така информира дека само минатата година преведени се над 17.000 страници од законодавството на Европската Унија (ЕУ).
На новинарско прашање, кога ќе започне процедурата за уставните измени, со оглед на тоа дека тоа е обврска која Северна Македонија треба да ја заврши најдоцна до крајот на скринингот, вицепремиерот Маричиќ рече дека сѐ уште нема утврдено календар или динамика за започнување на уставните измени, но дека тоа е обврска на државата која треба да се заврши до крајот на скринингот.