Husamedin Gina
08 Септември 2020•Ажурирај: 09 Септември 2020
СКОПЈЕ (АА) – Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изрази надеж дека досегашните успеси на Северна Македонија во насока на интеграција во Европската Унија (ЕУ), во најскоро време ќе резултираат со членство во ЕУ, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Турскиот претседател, по повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Северна Македонија, испрати писмо со честитки до претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Ердоган во честитката нагласува дека блиската соработка и пријателските односи меѓу двете држави, кои се засноваат на моќните заеднички историски, општествени и културни вредности, со официјализирањето на членството во НАТО на Северна Македонија се зајакнати и со односот на сојузништво.
„Се надевам дека досегашните ваши успеси во насока на интеграција во ЕУ, во најскоро време ќе резултираат со членство во Европската Унија. Нашата земја, која уште од самиот почеток ја поддржуваше Северна Македонија во интеграцијата со Европа и евроатлантските структури, за време на тешкиот период од соочувањето со пандемијата на КОВИД-19 низ кој минуваме искажа напори за доставување на максимално возможна медицинска помош до нашата пријателска Северна Македонија“, пишува во честитката турскиот претседател, уверувајќи дека ефикасната соработка на билатерално ниво и на ниво на мултилатерални платформи и во следниот период ќе продолжи.
Честитки до претседателот Пендаровски по повод Денот на независноста упатија и претседателот на САД, Доналд Трамп, претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, претседателот на Народна Република Кина, Си Ѓипинг, претседателот на Република Франција, Емануел Макрон, и голем број други претседатели на држави.