Hande İlbeyi Canca
13 Август 2020•Ажурирај: 14 Август 2020
АНКАРА
Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган учествуваше на проширениот состанок на обласните претседатели на Партија за правда и развој (АК партија) во Аккара, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган истакна дека во исламот нема расистички и секташки биготизам.
Укажувајќи на гостопримството на либанските власти и либанскиот народ кон турската делегација, Ердоган рече дека сите Либанци од различни верски, секташки и етнички групи со голем копнеж ја пречекале турската делегација.
„Турција и понатаму ќе продолжи да стои до либанскиот народ без да направи некоја разлика“, рече Ердоган.
Според Ердоган, некои страни се вознемирани од тоа што Турција во надворешната политика има поактивен и порешителен став. „Чекорите на нашата земја кон гарантирање на своите права и интереси на Источниот Медитеран речиси се претворија во лакмус хартија и во внатрешната и во надворешната политика“, додаде Ердоган.
Тој истакна дека 83 милиони жители на Турција силно ги поддржуваат чекорите направени во рамки на меѓународното право.
„Сите чекори што Турција ги направи на Источниот Медитеран, ги направи врз основа на легитимност и согласност со меморандуми за разбирање со Либија. Не е Турција таа која ги зголемува тензиите на Медитеранот, туку грчкиот менталитет кој се обидува да ја игнорира Турција и Турската Република Северен Кипар“, нагласи тој.
Ердоган рече дека Грција и Администрацијата на кипарските Грци се обидуваат да ги узурпираат правата на кипарските Турци врз изворите на јаглероводород во регионот, и нагласи: „Истакнавме дека нема да дозволиме ниту една странска земја, компанија или брод да врши истражувачки активности во зоните на нашата поморска надлежност без дозвола.“
Турскиот претседател подвлече дека Турција досега решението за прашањата со Грција го побарала преку дипломатија и на преговарачка маса.
„Се движевме со разбирање на заштита на соседското право, иако понекогаш не добивавме одговор. Тука сакам да го подвлечам овој факт. Ние немаме претензии кон ничии права, но на ниту една земја нема да ѝ ги отстапиме нашите права. Ниту една иницијатива и договор кои ги исклучуваат Турција и кипарските Турци и го прекршуваат правото, немаат шанса да постигнат успех“, додаде тој.
Од друга страна, укажувајќи на турскиот брод за сеизмички истражуваања „Оруч Реис“, Ердоган рече дека овој брод до 23 август ќе ги продолжи своите активности во оваа зона.
„Злонамерен е ставот што Грција го покажа во Егејското Море и Медитеранот. Со ум и здрав разум необјасниви се барањата на Грција за поморска надлежност над островот Кастелоризо кој од турскиот брег е оддалечен 2, а од грчкиот континентален брег, 580 километри. Тврдењата дека остров од 10 квадратни километри треба да поседува поморска надлежност на површина од 40.000 квадратни километри се смешни и неосновани и од аспект на меѓународното право. Повторно ја поканувам Грција да покаже почит кон правото и законите на Турција“, истакна Ердоган.
„Патот за решение на Источниот Медитеран е дијалог и преговори. Доколку се направат чекори со здрав разум, тогаш може да се изнајде некоја вин-вин формула која ќе ги заштити правата на сите. Секако дека ние не сме за непотребна аватура и не бараме тензии. Очекувам сите страни да ги почитуваат правата на нашата земја и правата на кипарските Турци“, додаде претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.
Претседателот Ердоган се осврна и на прашањето на малцинствата во Грција, велејќи: „И секако, од тука ја предупредувам и Европската унија. Дали една земја, членка на Европската унија, ја исполнува својата одговорност да ги штити законските права на малцинствата, во согласност со законот на Европската унија? Европската унија одговорот на тоа треба да го побара од грчката администрација.“