Cankut Taşdan
13 Август 2020•Ажурирај: 14 Август 2020
АНКАРА
Во акција насочена против припадниците на терористичката организација ФЕТО организирана во Турција, приведени се седум лица, кои се криеле во таканаречените „безбедни куќи“ на ФЕТО, јавува Агенција Анадолија (АА).
Екипите на Разузнавачката служба и Одделот за борба против тероризам при полицијата во Анкара, извршија акција насочена кон „ќелиите“ на организацијата, а со цел да се фатат лицата кои се сомничат за членство во терористичката организација ФЕТО/ПДЈ.
Приведени се седум члена на организацијата, за кои е утврдено дека се криеле во куќите и дека комуницирале преку интернет.
При претрес на лицата, возилата и објектите, пронајдени се најмалку шест фалсификувани документи и пари во износ од 75.000 лири (околу 8.638 евра) и 500 евра.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за државен удар во Турција во ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој престојува во Соединетите Американски Држави (САД), а чие испорачување Турција официјално го побара од САД.
Припадниците на таа терористичка организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, приврзаниците на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и крвавиот неуспешен обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч, кој го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската Војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.