Admir Fazlagic
19 Декември 2019•Ажурирај: 20 Декември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев имаше обраќање на Самитот на Централно европската иницијатива (ЦЕИ) што се одржува денеска во Рим, при што изрази надеж дека во многу блиска иднина Европската унија ќе одлучи да започне преговори за пристапување со Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Прес-службата на Владата на Северна Македонија соопшти дека премиерот Заев учествува на Самитот на ЦЕИ во Рим во Италија, Заев во своето обраќање на Самитот, според соопштеното, нагласил дека членките на ЦЕИ, од кои голем дел се и земји-членки на ЕУ, се двигатели на процесот на целосна интеграција на Западен Балкан во Европската унија.
„Огромно е мнозинството на оние кои се уверени дека нашата земја требаше да ги започне преговорите со ЕУ како признание за вложените напори и постигнатите резултати во реформите, и како потврда за правилниот избор направен со договорот од Преспа. Идејата за нова методологија за проширување на ЕУ е оправдана само доколку процесот стане поефективен, поверодостоен и ако произведува повеќе материјални придобивки за земјите кандидатки за членство во унијата", рече Заев и додаде:
„Затоа ние апелираме за брз консензус меѓу земјите членки на ЕУ за принципите и елементите на новата методологија, што ќе отвори начин и за усвојување на одлука за почеток на пристапните преговори за Северна Македонија. Нашиот приоритет останува да ги започнеме преговорите за пристапување што е можно поскоро. Донесувањето на одлука до март ќе создаде многу поволна динамика во нашата земја.“
Премиерот Заев потенцираше дека „на Западен Балкан му е потребна јасна и видлива перспектива за пристапување кон ЕУ за да го консолидира напредокот, да се обезбеди безбедност и да се постигне натамошен развој."
„Оваа година, кога ЦЕИ слави 30-годишнина, Северна Македонија стана 30-та членка на НАТО, достигнување кое е овозможено заради реалната посветеност за подобрување на добрососедските односи, инвестиции во градење вистински партнерства и доверба. Се надеваме дека во многу блиска иднина ЕУ ќе одлучи да започне преговори за пристапување врз основа на испорачаните резултати што ги направи нашата земја“, рече Заев во своето обраќање на Самитот на ЦЕИ во Рим.
Меѓу другото, премиерот на Северна Македонија додаде дека е уверен дека во наредниот период ЦЕИ ќе продолжи да се надградува со нови и подлабоки форми на соработка меѓу земјите членки во различни области.