Abdula Berisha
31 Октомври 2021•Ажурирај: 01 Ноември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Според податоците објавени на официјалната веб-страница на Државната изборна комисија (ДИК) на Северна Македонија, од обработени 96,79 проценти од податоците, правото на глас до 15:00 часот го искористиле 434.046 граѓани или 33,58 проценти, јавува Агенција Анадолија (AA).
Вкупно 1.353.990 лица имаат право на глас во вториот круг од локалните избори, на вкупно 2.481 избирачко место низ целата земја, а гласањето продолжува до 19:00 часот.
Претседателот на ДИК, Александар Даштевски, на последната прес-конференција повтори дека гласањето на локалните избори се одвива без пречки.
Тој нагласи дека до ДИК досега пристигнале 311 приговори за заштита на избирачкото право.
Даштевски, исто така, повтори дека освен некои технички потешкотии на почетокот на изборниот ден кои се надминати, не се појавиле нови проблеми со биометриските терминали за идентификација на гласачите што се користат за првпат на локалните избори.
„Ги повикувам сите граѓани на државата да излезат до 19 часот и да го искористат своето право на глас, и изборниот ден да заврши мирно, без нерегуларности, како што беше тоа досега“, рече тој.
Вториот круг од седмите локални избори во Северна Македонија се одржува во 44 општини и во Град Скопје, откако во првиот круг беа избрани 34 градоначалници.
Ова се седми локални избори во Северна Македонија, првите беа одржани во 1990 година, а последните локални избори во земјата се одржаа во 2017 година.
Во меѓувреме, процентот од излезноста на гласачите на целата територија на Северна Македонија, како и во одделните општини, можете да го следите на страната на ДИК: https://rezultati.sec.mk/mk/mayr/t4