Stipe Majic
28 Март 2025•Ажурирај: 02 Април 2025
Во последните десет години, Европската Унија (ЕУ) изгуби повеќе членки отколку што прими нови, и овој тренд треба да се промени, изјави денес во Загреб претседателката на Европскиот парламент (ЕП), Роберта Мецола, јавува Анадолу.
„Во последните десет години, Европската Унија изгуби повеќе членки отколку што прими и овој тренд треба да се промени, особено кога гледаме на Западен Балкан, Молдавија и Украина. Ако не им се посветиме ним, тие ќе се одвратат од нас“, нагласи Мецола на прес-конференцијата по средбата со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
На средбата, соговорниците се осврнаа и на вчерашниот состанок во Париз за мирот и безбедноста во Украина, како и за напорите што Европа ги вложува за постигнување праведен мир. Целта е да се минимизираат последиците од тригодишната руска агресија, со прекин на огнот, а потоа со преговори и мировен план.
Пленковиќ како важен сегмент го наведе натамошниот развој на одбранбените способности на земјите членки.
„Хрватска веќе сега го надмина ветувањето на НАТО од 2,1 отсто од БДП, плус повеќе од 30 отсто од тоа за модернизација на вооружените сили“, потсети хрватскиот премиер.
Тој рече дека разговарале и за ситуацијата во соседството на Хрватска, пред сѐ во Босна и Херцеговина, додавајќи дека „преку политиката на проширување очекуваме сите наши соседи да ги исполнат критериумите и да бидат посветени на европските вредности, а со тоа и внатрешно да преземат чекори кои се важни за нивната европска иднина“.
„Хрватска е тука, секогаш подготвена да помогне со своето искуство на принципиелен начин со исполнување на сите критериуми“, заклучи хрватскиот премиер.
Претседателката на ЕП, Мецола, истакна дека последниве месеци потврдија дека Европа ќе треба да се држи заедно или да ризикува да остане на задната страна на светските настани.
„Ако се соочиме со надворешните закани на кои е изложена Европската Унија, гледаме дека ни треба Европа со цврст заеднички став, што значи дека треба да направиме чекор напред и да преземеме поголема одговорност за нашата безбедност“, нагласи таа.
Додаде дека на Украина треба да ѝ се обезбеди потребната поддршка и дека тоа го смета за најдобра инвестиција во заедничката европска безбедност. Мецола наведе дека е неопходно да се донесе и нов европски буџет кој соодветно ќе ги задоволи барањата на граѓаните.
Во центарот на Загреб е отворен нов интерактивен центар на Европскиот парламент, чија цел е да ги запознае граѓаните со активностите на оваа важна европска институција.