Husameddin Gina
30 Септември 2018•Ажурирај: 01 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - „Македонија денеска кажа, соопшти дека Договорот не поминува, имаме длабоко неуспешен референдум, политиката на Владата и на Зоран Заев доживеа дебакл. Денес Македонија вистински победи“, изјави вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прес-конференција, јавува Anadolu Agency (AA).
„Бројот на граѓани кои не дадоа поддршка на овој срамен Договор, односно бројот на граѓани кои апстинираа од гласање или пак гласаа против Договорот е драстично поголем од оние граѓани кои гласаа за Договорот. Факт е дека Договорот со Грција не доби зелено светло“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој, исто така нагласи дека Заев и неговата Влада се делигитимирани, и дека нивните политики паднаа.
„Народот е на нозе, а никој досега не победил народ. Денес народот даде свој вредносен суд, Заев и неговата Влада се делигитимирани, новата општествена реалност говори дека политиките на Заев и Владата паднаа и тоа им е јасно на огромен дел од граѓаните на Република Македонија. А од денес тоа му е многу јасно и на Заев“, рече Мицкоски.
Мицкоски, на пресот, исто така упати и порака до, како што рече, спинерите на власта.
„Два месеца, ширевте невистини, два месеца книжевте нарачани анкети, колективна хипноза, сакајќи да го манипулирате сопствениот народ. Па велевте дека сум се договорил со Заев. Те дека ќе го разочарам народот, те дека ВМРО ќе се распаднела. Па потоа сум бил нечија марионета. Нечија продолжена рака. Еве, сега стојам овде, и можеме да се погледнеме во очи. И тогаш и денес ви кажувам, Македонија ќе победи, и ќе продолжи да победува“, изјави Мицкоски.