Besar Ademi
30 Септември 2018•Ажурирај: 30 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Според прелиминарните податоци на Државната изборна комисија (ДИК) на Република Македонија, од 49,33 отсто обработени податоци, 90,81 отсто или 234.977 гласачи гласале „за“ на референдумот, кој предвидува менување на името и членство на земјата во НАТО и Европската Унија (ЕУ), јавува Anadolu Agency (AA).
Според прелиминарните податоци, објавени на интернет-страницата на ДИК, „против“ гласале 6,18 отсто или 16.601 граѓанин, додека 3,01 отсто или 8.080 гласа обработени од страна на оваа институција, се неважечки.
На последната прес-конференција, ДИК соопшти дека до 18:30 часот правото на глас го искористиле 34,09 отсто од вкупниот број на регистрирани гласачи, односно 519.435 гласачи.
Вкупно 1.806.836 гласачи во Македонија од 07:00 до 19:00 часот имаа право да го дадат својот глас.
Прашањето на референдумот, кој е трет по ред на државно ниво во текот на 27 години независност на Македонија, гласеше: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Грција?“
За референдумот да биде успешен, излезноста на гласачите треба да биде над 50 отсто од бројот на регистрираните гласачи во земјата.
Референдумот е консултативен и законски не е обврзувачки. Сепак, Владата на Македонија соопшти дека резултатот на референдумот ќе се смета за обврзувачки.
При позитивен резултат на референдумот, конечната одлука за Договорот со Грција ќе се усвои од страна на Собранието на Македонија, каде што за уставни измени ќе биде потребен гласот на две третини од пратениците.
Референдумот се одржува по Договорот од јуни меѓу Македонија и Грција, кој предвидува промена на името на државата во Република Северна Македонија, и претставува главен услов за членство на земјата во НАТО и отворање на преговорите со ЕУ.
По завршувањето на овој процес во Македонија, потребно е Договорот да се ратификува и од страна на грчкиот Парламент.