Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
29 Април 2020•Ажурирај: 29 Април 2020
АНКАРА
Властите на Република Турција соопштија дека едностраното прогласување на Калифа Хафтар за шеф на државата е уште еден показател дека тој сака да воспостави воена диктатура во Либија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за надворешни работи на Република Турција соопшти дека Турција се залага за политичко решавање на конфликтите во Либија и дека го поддржува либискиот народ, легитимната Влада на национално единство и сите легитимни институции на таа земја.
„Со прогласување за шеф на државата, Хафтар уште еднаш покажа дека не сака политичко решение за либиската криза, дека не ги поддржува меѓународните напори во тој правец, вклучувајќи ги и резултатите од Берлинската конференција, туку дека му е цел во Либија да воспостави воена диктатура“, се наведува во соопштението.
Во соопштението од Анкара понатаму се наведува дека водачот на нелегитимните сили од источниот дел на Либија, Хафтар, додатно ја продлабочил хуманитарната криза во Либија, бидејќи подолго од една година ги предводи нападите на Триполи.
Нагласувајќи дека повеќе нема никакви сомнежи во намерите на Хафтар да воспостави воена диктатура во Либија, Турција ја повика меѓународната заедница адекватно да одговори на неговите потези.
„Не треба да се заборави дека во очите на либискиот народ, за соучесници во потезите на Хафтар ќе се сметаат сите оние кои го поддржуваат, вклучувајќи и некои демократски земји“, се наведува во соопштението.
Во видеопорака објавена во понеделникот, Хафтар еднострано се прогласи за лидер на Либија.
Укажувајќи на уличните демонстрации во областите под негова контрола, тој истакна дека „го прифатил мандатот на либискиот народ“ да управува со земјата.
Тој рече дека политичкиот договор „Сухејрат“, потпишан во 2015 година од страна на завојуваните страни во Либија, под покровителство на ОН, е „нешто од минатото“.
Либија е средиште на длабока политичка и безбедносна криза уште од 2011 година, кога од власта беше соборен и убиен Муамер ал Гадафи. Владата на национално единство на Либија со седиште во Триполи има поддршка од ОН и меѓународната заедница, додека Хафтар од Тобрук ги предводи нелегитимните сили кои претежно се поддржани од Египет и Обединетите Арапски Емирати.