Elena Trenchevska Chekovic
24 Јули 2026•Ажурирано: 24 Јули 2026
Охридскиот Регион останува на листата на светско наследство на УНЕСКО и во оваа фаза нема да биде впишан на листата на светско наследство во опасност, информираше министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, по 48. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Бусан, Јужна Кореја, пренесува Анадолу.
Муцунски посочи дека во првичниот предлог на одлуката било предвидено Охридскиот Регион веднаш да биде впишан на листата во опасност, но по усвојувањето на амандманот оваа формулација била отстранета, соопшти Министерството.
„Ова претставува значаен дипломатски успех за државата. Резултатот произлегува од координираната државна акција и од посветената работа на сите институции вклучени во процесот“, посочува Муцунски.
Тој информира дека во изминатиот период биле водени интензивни разговори и дипломатски консултации со државите членки на Комитетот за светско наследство, при што биле претставени позициите на државата, преземените обврски и политичката волја за заштита на Охридскиот Регион.
„Покажавме дека дипломатијата носи конкретни резултати. Таа не е само присуство на меѓународни состаноци, туку способност да се градат партнерства, да се создава доверба и да се заштитат најзначајните национални интереси“, нагласи Муцунски.
Министерот оцени дека Охридскиот Регион претставува природно и културно богатство од исклучителна универзална вредност, а неговото зачувување е национален приоритет и одговорност кон идните генерации.
Со дипломатскиот ангажман, како што беше посочено, е обезбеден дополнителен простор за исполнување на преземените обврски и спроведување на Стратегискиот план за рехабилитација до 2030 година. Во следниот период, заедно со Албанија, треба да биде подготвена рамка за спроведување на Планот, а до 1 февруари 2027 година да биде доставен нов извештај за постигнатиот напредок.
„Дипломатијата го обезбеди потребниот простор. Сега обврската е на сите надлежни институции тој простор да го претворат во конкретни и мерливи резултати“, порача Муцунски.