Abdula Berisha
15 Декември 2022•Ажурирај: 16 Декември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во врска со дојавите за поставени бомби изјави дека надлежните институции се максимално ангажирани и не дозволуваат некој да има шанса навистина да постави експлозивна направа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во последните денови, вклучувајќи го и денешниот, има неколку дојави преку и-мејл адреси за поставени бомби во основни и средни училишта, државни институции, вклучувајќи го и Министерството за надворешни работи, трговски центри и други објекти. Надлежните институции редовно вршеа претреси во објектите, по што се констатираше дека дојавите за бомби се лажни.
Претседателот Пендаровски, кој присуствуваше на панел-дискусија организирана од Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ) во Скопје, одговорајќи на прашањата на новинарите пред настанот рече дека засега нема потреба да се свикува Советот за безбедност поради дојавите за поставени бомби.
„Јас сум во постојана комуникација со Министерството за внатрешни работи кое е најнадлежно во однос на заштитата на училиштата, на нашите деца, на сите вработени во тие објекти. До овој момент, сметам дека нема потреба да се крева тоа на такво ниво затоа што од она што го знам, а информиран сум на дневна основа, вработените таму се 24/7 активни во однос на тие закани“, рече Пендаровски.
Тој истакна дека тешко се доаѓа до ИП-адресите, кои се најчесто од странство, особено до луѓето кои ги ракуваат и менаџираат тие ИП-адреси.
„Сите надлежни органи се максимално ангажирани и не дозволуваат воопшто да има каква било шанса некој навистина да постави експлозивна направа во нашите училишта“, рече Пендаровски.