Ekipa
22 Септември 2020•Ажурирај: 23 Септември 2020
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, по повод 75-годишнината од формирањето на Организацијата на Обединетите нации, истакна дека ОН ги поставија темелите на новиот меѓународен поредок што во својата основа го ставаат и човекот, а не само државите и нивните алијанси, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Преку видео-порака претседателот Пендаровски се обрати на настанот на високо ниво, што по повод годишнината се одржа синоќа во Њујорк.
„Во изминатите 75 години, Обединетите нации постигнаа многу. Како камен темелник на меѓународното право и мултилатералниот систем, организацијата ги обврзува своите членки да ги надминуваат споровите на мирен начин и да соработуваат за одржување на мирот и безбедноста“, рече Пендаровски.
Тој нагласи дека ОН превенирале бројни конфликти, ги ублажиле последиците од многу хуманитарни кризи и им помогнале на многу народи преку самоопределување да го изодат патот до независност.
Додаде дека Обединетите нации го поттикнале глобалното движење за права и слободи, за социјална правда и еднаквост и ја зајакнале отпорноста кон катастрофи и го мобилизираа светот во борбата со климатските промени.
„Формирањето на Обединетите нации е еден од најважните глобални проекти и постигнувања на човештвото. Но, нашата организација може да биде ефикасна онолку колку што државите-членки ќе ѝ дозволат. Поради бројните препреки во нејзиното работење, во светот сè уште има тензии и конфликти, милиони бегалци и мигранти, неконтролирана експлоатација на природата и повреди на човековото достоинство. Кон старите се придодадоа и нови акутни проблеми како што се глобалниот тероризам, транснационалниот организиран криминал и дигиталната поделба“, рече Пендаровски.
Во своето обраќање тој се осврна и на пандемијата на Ковид-19, која, како што рече, со сето страдање што го предизвика ги разоткри слабостите на меѓународниот поредок и системските нееднаквости во светот.
Порача дека преостануваат само уште десет години за да се реализираат Агендата 2030 и Парискиот климатски договор.
„За да ги постигнеме Целите за одржлив развој ние мора истовремено да ги ублажиме економските и социјалните последици од пандемијата. А тоа можеме да го постигнеме само преку меѓународна соработка и глобална солидарност за што ни се неопходни силни и ефективни Обединети нации, реформирани и прилагодени на новата реалност“, нагласи претседателот Пендаровски.
Тој посочи дека од својата независност до денес, Република Северна Македонија е сведок и за придобивките и за предизвиците на Обединетите нации.
„Од корисници на првата превентивна мисија – УНПРЕДЕП, самите станавме контрибутори на повеќе мировни мисии. Благодарение на Обединетите нации решивме комплексен спор кој ја забавуваше нашата интеграција во меѓународниот поредок. Ние ќе продолжиме во духот на мултилатерализмот да ги исполнуваме нашите меѓународни обврски и да ја поддржуваме работата на Обединетите нации и нејзините специјализирани агенции“, истакна Пендаровски.
Тој на крајот порача дека ќе се успее во градењето на достоинствен свет само доколку се вложува во светската организација.
Настанот, во рамки на 75. сесија на Генералното Собрание на Обединетите Нации, се одржа со емитување на пораките на претставници од над 180 држави и организации во салата на Генералното Собрание на Обединетите нации, во присуство на Генералниот секретар Антонио Гутереш и претставници од земјите-членки. Поради пандемијата на Ковид-19, годинешната сесија се одвива без физичко присуство на светските лидери во седиштето на Обединетите Нации во Њујорк.