Ivana Ramadanova
29 Јуни 2016•Ажурирај: 30 Јуни 2016
СКОПЈЕ (АА) - Сојузот на стопански комори ССК денеска во Скопје одржа прес-конференција на тема „Подобрување на туристичката соработка помеѓу Македонија и Бугарија и заеднички настап на трети пазари“, јавува Anadolu Agency (AA).
Според бугарскиот амбасадор Иван Великов Петков, меѓу приоритетите е изедначувањето на бројот на македонските и бугарските гости со оглед дека, според статистичките податоци за минатата година, 470.000 Македонци ja посетиле Бугарија, а само 52.748 Бугари дошле во Македонија.
„Потенцијалот за соработка во туризмот е многу голем, но пречка е инфраструктурата. Од Скопје до Софија се стигнува за најмалку четири часа ако се земат предвид чекањата на граница. Тоа мора да се реши. Македонија и Бугарија се историски поврзани. Охрид и натаму останува број еден дестинација за бугарските гости поради магијата на езерото и црквите, кои ги има преку 300”, истакна Петков.
Претседателот на Туристичко-угостителската комора при ССК, Аркан Керим, смета дека помалата посетеност од бугарска страна е резултат на брзиот развој на бугарските капацитети, како оние во Банско и Боровец, каде, меѓу другото и услугата е одлична, подобра дури и од грчката.
„Сакаме што поголем број туристи од Македонија да ја посетат Бугарија и обратно, што повеќе бугарски туристи да дојдат кај нас. Реципроцитет во овој сегмент мора да има. Располагаме со доволен број капацитети, но, исто така, имаме можност и за изградба на нови, доколку им потреба, и доколку освен бугарски, да се зголеми и бројот на гости од други земји”, напомена Керим.